Образованието на учителите е клучно прашање на секоја земја. Квалитетот на воспитно образовниот кадар и квалитетот во образованието директно влијае на нивото на образовните достигнувања на секоја индивидуа. Прашањето за квалитетот на образованието на кадарот е постојано присутно во јавноста.

Имаме ли премногу наставници или имаме премалку квалитетни наставници?

Време е, и конечно имаме должност да почнеме со промените во пристапот на образованието на учителите, а со тоа и на училиштата.

Во членот 28 од Општата декларација за правата на човекот, стои дека: „Родителите имаат право првенствено во изборот на видот на образованието на своите деца“. Каков избор имаат родителите од модели и концепти на училишта и учители? Тогаш ќе констатираме дека повеќе од 60 години ние всушност одиме во истото училиште, учиме според истите планови и програми, не воспитуваат и образуваат истите учители, со истите методи и техники, на истиот начин, во истиот простор, од истите учебници…, немаме право на избор на алтернативни педагошки концепции и модели, дури и училиштето во кое мораме да учиме се одредува со одредба во која „детето мора да се запише во училиштето според соодветното место на живеење“. Училиштата и тогаш и денес работат во две смени. Истата училница ја користат две одделенија. И за жал и денес тоа се уште продолжува и трае.

Најголемиот број родители училиштето го сфаќаат како место во кое треба да ги остават децата додека се со работните обврски. Училиштето се грижи за децата и нивното воспитание според принципите на сеуште доминантното педагошко едноумие – еден концепт на училиште. Оние родители кои не се задоволни од таквиот систем на образование и воспитание бараат начини да ги „пополнат празнините“ кај своите деца со образование надвор од редовниот систем, и често децата посетуваат други неформални училишта, приватни часови за учење на уметнички, јазични и спортски вештини, или тоа го прават самите родители во семејната заедница. Така децата се изложени на дуализам во воспитанието и образованието: она што го прави државното училиште и она што го организираат родителите по нивна желба.

Во еден динамичен процес на новите медиуми, во систем во кој младите  го развиваат чувството за пикосекунди и нанопростор, за децата веќе е неприфатлива наставата која се реализира во класичен училиштен простор (училница) и традиционалното училишно време. Тој простор е веќе неподнослив за нив, а времето неиздрижливо и бавно.  Во ваков систем на образование на младите генерации не може да се снајде и учителот.

Потребна е визија за чекор за смислата на образованието во 21 век. Потребен е педагошки плурализам, потребна е споделена одговорност на државата, општината, индустријата, училиштето и семејството.

Во светот не постои најдобро училиште. Постојат само различни модели на училишта.