Во последните триесет години различни меѓународни организации (Светска банка, OECD, UNESCO) интензивно го промовираат концептот на образование насочен на развој на компетенции. Реформите во образованието насочено на компетенции (competency based education) произлегуваат од: (1) Индустриската револуција и потребите на индустријата; (2) неолибералната економија и теоријата на човечкиот капитал и (3) бихејвиористичкото движење (Деспотовиħ, 2010)[1].

Економијата и продуктивизмот како сериозен глобален етос почиваат на претпоставката дека економскиот раст и работа, без оглед на нивните негативни последици, се клучна карактеристика и суштина на човековата егзистенција. Оваа драстична форма која промовира континуирана продукција и потрошувачка на услуги и добра, опсесивна акумулација на економско богатство и материјално поседување е всушност негација на сите вредности и потреби кои се надвор од сферата на економијата (Anderson, D., 2008). Своите корени овој концепт на образование го наоѓа во теоријата на научниот менаџмент на Фредерик Винслоу Тејлор (Taylor, F., 1911). Врз основа на ова, еден од првите пристапи во областа на развојот на курикулумот инспириран од Тејлор а објавен во 1919 г., кој бил насочен на формирање компетенции е трудот на Чарлс Ален „Наставникот, човекот и работата“ (Herschbach, D.R., 1992. Наведено според Деспотовиħ, 2010). Чарлс Ален инсистира на програми кои ќе бидат стандардизирани логички единици и насочени на формирање специфични работни постигнувања, односно компетенции. [1]  Деспотовиħ, М. (2010): Развој курукулума у стручном образовању: приступ усмерен на компетенције. Београд, Филозофски факултет.

tejlor

Според неолибералната економија која се заснова на претпоставката на силна меѓузависност во формирањето вештини и економскиот раст, образованието е инвестиција која ги развива вештините и способностите, а со самото тоа и продуктивноста и економскиот развој во целина.

Бихејвиористичкиот концепт генерално ги поттикнува наставниците и креаторите на курикулумите, целите во образованието да ги дефинира како исходи, односно како промени во манифестното однесување (observable). Оттука овој теориски правец и пристап во образованието е т.н. образование насочено на исходи (outcomes-based education). Овој пристап кој започнува од осумдесетите години на 20 век во САД преминува во движење и пракса во образованието во САД, Велика Британија, Канада и Австралија.