Денес постојат две спротивставени струи на педагози реформатори, едните го застапуваат образованието како цел, мотивација, интеграција, мрежа, центар за учење. Додека другата струја на педагози реформатори пропагира глобални, полно неутрални тестови на знаење, натпреварувачки дух, конкуренција, ефикасност, казни. Првите сметаат дека преку образованието треба да се развие креативноста, вторите културата на стандардизација и тестови.
Конрад Паул Лисман, професор на Филозофскиот факултет во Виена, прогласен за научник на годината во 2006 г., во делото „Теорија на необразованоста“, вели: „Состојбата на денешната образовна политика може да се опише со една единствена реченица: таа се исцрпува со зјапање и ранг листи“.
Бодријар зборува за „Последното танго на вредностите“ (1977), истакнувајќи дека „се стана симулација: студирањето, наставата, дипломите, буквално сè“.
Доналд Хирш (Hirsh, 1996) наведува неколку причини и зборува за одвоеноста на системот на образование на наставникот од образованието за животот. Одвоеноста на образованието за професијата се појави и заради неприлагодливоста на образовните политики но и на наставниот кадар да ги следат современите текови на науката и техниката, да ги следат промените и да го менуваат својот концепт на работа. Училиштето останува традиционално и станува декадентно како средновековната црква, самото на себе доволно и светот за себе.
ПИСА (Програма за интернационално вреднување на учениците) – програма која на секои три години со меѓународно споредување се испитуваат знаењата на петнаесетгодишниците. Скоро сите одлуки во образовните политики во последните 12 години се мотивирани заради лошите места на ранглистата на ПИСА тестот, и сите се насочени кон истата цел, да се подобри местото на ранг листата. Кога младите во некоја земја ќе бидат лошо рангирани на ПИСА тестот се јавуваат нормативни притисоци состојбата да се поправи и тоа така што наставниците ќе треба подобро да ги тренираат своите ученици за решавање на тестовите.
За оценувањето постојат докази во невронауката дека рептилскиот дел на мозокот кој се наоѓа во неговото средиште, ги блокира сите останати делови кога човекот е во опасност, кога се чувствува загрозен. Оцените, тестовите, казните… мозокот ги третира како закана. Како опасност! Тоа создава голем стрес! Ние, ги тераме децата да ги затворат своите мозоци а потоа од нив бараме точни одговори и креативност !(Ken Robinson)
Стандардизираните тестови имаат смисла и значење, но тие не смеат да станат клучна култура на квалитет во образованието.
Во образованието не можете да измерите се, нема таков инструмент кои сеизмографски прецизно ќе објасни кој како работел во текот на годината. Токму и затоа секое мерење во образованието нема да покаже каков е образовниот систем, туку ќе измери кој најдобро се прилагодил на условите. Вредностите на учителот не можат да се измерат, тие можат да се почувствуваат.