„Подучувањето во училницата е живот за себе“
Професорот David L. Brierley објаснува дека „умеењето за подучување е највисок облик на уметност, бидејќи е пред се личен, персонален. Добар наставник е оној кој го сакаат учениците. Наставникот кој го сакате е оној кој ве гледа, кој е тука со вас in vivo. Не само да забележува туку суштински да го види секој ученик, а тоа не можете ако немате љубов кон детето.
Една од најважните задачи на образованието е да укаже на емоциите. Во англискиот јазик има еден израз „I am moved“ (ме допре во срцето). Кога тоа ќе го кажете значи дека сте доживеале искуство и нема да го заборавите после три дена. Значи, ако учителот ве „допре во срцето“ тогаш ученикот се наоѓа во фаза на раст и напредува. Целото тело учи и памти. Кога нешто ќе не допре во срцето стануваме воодушевени, возбудени, разиграни. Фокусирани сме и сакаме уште, а всушност тоа е задачата на учителот – да поттикне, да инспирира во нас желба за учење. Занесот се поврзува со внатрешната топлина.
Учителот се раѓа, и во некои работи не може да се научи, но може да се поттикнува. Може да се фокусира на подобри професионални вештини и тие треба да се вежбаат. Другата страна на учителот е фокусот на индивидуалноста, односно како да го извлечеш најдоброто од секој поединец. Затоа вистинскиот учител во секој момент инспирира. Најтешката работа на учителот е да остане доследен на самиот себе – да биде свој. Може да е строг и праведен, но да останеш свој и автентичен е нешто друго!
Всушност, целта е трансформација на мозокот во ум, свест, личност.
Подрачјето за работа на учителот е да размислува како да создаде образование кое ќе ја зајакнува психолошката отпорност на детето. Денес децата во училиштата се мотивирани со тестови и оцени. Таа мотивација доаѓа од надвор. Но треба да се работи на интринзична мотивација, онаа која доаѓа од внатре, од чувството на реализираност дека нешто правиме. Мораме да создаваме училишна методологија која од учителот ќе бара да ги фасцинира учениците. Ни требаат учители кои имаат жар, бидејќи кога некој ќе фасцинирате, тогаш одите кон неговите емоции. Ни требаат учители кои со уверување ќе им говорат на децата: „Ова е одлично, генијално, инспиративно…“.