ЛАВ НИКОЛАЈЕВИЌ ТОЛСТОЈ (1828-1910)
„НЕСПРОТИВСТАВУВАЊЕ НА ЗЛОТО СО НАСИЛСТВО И ПОСТОЈАНО ПРОСТУВАЊЕ, ЉУБОВ, САМОУСОВРШУВАЊЕ“, се темелите на кои почива педагогијата на Толстој.
Книжевник, мислител, педагог, кој целокупната книжевна и педагошка работа ја посветил на разобличување на тешката општествена состојба во Русија. Тој постојано укажува на тоа дека проблемите можат да се решат само по мирен пат и со просветителска дејност.
Толстој во 1859 г., отвора училиште за децата на село. Училиштето е отворено во Јасна Полјана, таму ги реализира своите педагошки идеи. Толстој престојувал во големите европски земји (Германија, Англија и Франција), каде се запознава со организацијата на образовниот систем, со историјата на педагогијата и најпознатите педагози практичари.
Во неговото педагошко списание Јасна Полјана силно го критикува концептот на училиштето и тврди дека училиштето не се грижи за природата на детето, го пасивизира, заплашува и владее.
Неговите идеи и концепти се насочени кон училиште кое ќе ги мотивира децата за повеќе знаење, кое ќе развива љубов за животот, и со тоа го промовира концептот за слободно воспитување.
Според Толстој, образованието е „слободен однос, чија основна потреба е еден човек да стекне знаење, а друг да го пренесе стекнатото знаење“.
Тој се прашува: „кој ни го дал правото да одредуваме што некој треба да учи и кој гарантира дека е добро токму тоа што го учат учениците“.
Толстој во своето училиште во Јасна Полјана го остварува својот концепт на целосна слобода и развој на децата според своите потенцијали и способности. Училиштето немало наставни планови и програми, немало распоред со часови, немале обврска учениците задолжително да посетуваат
настава и без обврски да ги учат лекциите. Но, затоа од учителите барал со добри разговори и предавања кај децата постојано да има интерес за настава. Неговата цел била: индивидуално почитување на секое дете, љубов, запознавање и развивање на личноста на децата.
Од наставните содржини се учело: читање, пишување, приказни од руската историја и Светото писмо, сметање, веронаука, цртање и пеење.