Имануел Кант (1724-1804) „ЧОВЕКОТ Е САМО ОНА ШТО ОД НЕГО ЌЕ НАПРАВИ ВОСПИТАНИЕТО“
Малку е познато дека Имануел Кант по наредба на министерот држел предавања од педагогија на Универзитетот во Кенигсберг. Првите предавања ги одржал во зимскиот семестар 1776/77 на теми од практичната педагогија (умешноста на воспитанието), потоа во летниот семестар 1780, 1783/84 и 1786/87. Текстот „Имануел Кант за педагогијата“ (Immanuel Kant über Pädagogik”), најпрвин ги издал неговиот ученик а подоцна колега Теодор Ринк во 1803 г.
Дали човекот по својата природа е добар или лош? Ниту едното ниту другото, вели Кант, бидејќи по својата природа човекот не е морално суштество, туку тоа станува дури откако умот ќе му се воздигне и ќе ја разбере својата должност.
Мислата на Кант дека „Човекот е само она што од него ќе направи воспитанието“, во голема мера се разликува од Лок (душата на почеток е празна неиспишана табла).
Целта на педагогијата е водење на човечкиот род кон совршенство, помагање човекот да ја изврши својата мисија и да ја развие во себе својата човечка природа. Природата на човекот треба да се усоврши и да се развива.
„Децата не треба да се воспитуваат според сегашноста, туку колку што може повеќе според иднината, заради идејата и подобрата состојба на човечкиот род“. Доколку воспитанието не дава резултати, тогаш причините треба да се бараат меѓу воспитаниците, кои често се полоши од оние кои ги воспитуваат.
Наспрема Русо кој смета дека природата на човекот треба слободно да се развива, Кант се залага за дисциплинирање на човекот кое е клучно за зачувување на човечноста, за култивација на човекот како процес на образување на духот, за цивилизирање и со тоа создавање навики за владеење и, на крај, за морално изградување, односно за сè што ќе направи да биде за добри цели, и секој да го одобри.
„Човекот е единственото суштество на кое му е потребно воспитание“
Кант разгледува два клучни проблема во современата настава:
- Проблемот на пренесување на знаењето;
- Крајната цел на наставата
На пример: Наставата по географија треба да биде широко проучување на физичката географија која би ги изучувала природните богатства, природните својства и моралните погледи на луѓето во една држава и на целата планета. Таа не треба да биде само физичка, тука морална и политичка научна дисциплина.