Луѓето се склони да веруваат дека оцената е квантитативна мерка на способностите на испитаникот. Сама по себе оцената не кажува ама баш ништо за испитаникот. Ако испитаникот и неговата оцена ги ставиме во некој контекст (училиште, професор, факултет,…) тогаш за него добиваме некаква претстава. Всушност, ја менуваме сликата за себе бидејќи себе се ставаме во контекстот од кој го набљудуваме испитаникот преку призмата на неговата оцена. (Caklovic, 2013)
Во моментот ставовите за вреднувањето во образовната литература се под влијание на психометрискиот концепт. Тој концепт се заснова на верувањето дека: (1) внатре во секој поединец постои нешто што се нарекува „способност“ или „постигнување“ за завршена задача; (2) тој ентитет е мерлив на објективна, еднодимензионална скала.
Основниот проблем во секоја земја изгледа дека е недоразбирањата помеѓу законодавецот и образовната пракса. Законодавецот нема јасни и транспарентни намери а струката нема јасни ставови. Постои огромното искуство. Две прашања се отворени: (1) Што се мери? (2) Кој, зошто и како ги користи информациите? (Caklovic)
Оценувањето на училиштето, наставникот и ученикот не е во согласност со современите текови и другите образовни системи. Клучниот проблем е што системот не прави разлика од добар совесен наставник и оној кој формално работи и оценува. Затоа потребен е концепт во кој професионалниот развој на наставникот ќе се мери по излезните резултати (примена во пракса) а не од оцените или бројот на поени по семинари и работилници.
Потребен е концепт кој ќе биде комбинација од интерно и екстерно испитување. Тоа подразбира посветување подеднакво внимание и на интерните проверки и следење на постигањата на учениците во текот на училишната година, но и национално спроведување на тестирање. Овие проверки треба да постојат но исто така тоа треба да биде дел и од меѓународни проекти (PISA,TIMSS,PIRL).
Резултатите од екстерните проверки треба да служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно образовен систем, изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието во делот на наставните планови и програми или пак најчесто во промена на методологијата на работа во наставниот процес.
Екстерното тестирање треба да се спроведува на крајот од вториот и третиот тригодишен образовен период (6-9 одделение). Во средно образование во втора и четврта година. Резултатите од тестирањето треба да имаат формативна улога. Клучната цел треба да биде увид во степенот на знаења на учениците од одделни предмети. Врз основа на резултатите треба да се креираат образовните политики за основно и средно образование. Екстерните тестирања не би требало да влијаат врз успехот на учениците и да бидат дел од неговиот официјален документ (свидетелството). Не треба да бидат ниту инструмент за вреднување на работата на наставниците.