Кај нас се уште владее тезата дека децата прво треба да се „изиграат“, а потоа да учат. Оваа теза во основа ја носи претпоставката дека учењето е мачно и неинтересно. Што не е точно.
Човекот станува мудар и духовно зрел, благодарејќи на процесот на воспитание и образование. На човекот му е потребен друг човек за да стане човек. Образованието како никогаш досега не била толку одвоено од општествените односи и духовниот живот, од децата, учениците и студентите.
Според некои анализи се претпоставува дека Франција на крајот на 21 век ќе биде водечка нација во светот затоа што имаат квалитетно организиран предучилишен систем и скоро стопроцентен опфат на децата во предучилишни установи. Тие веќе со тригодишните деца почнуваат да ги работат и учат буквите и бројките, да ги воведуваат во елементарното читање, нумеричките релации и уметностите. Француските научници направиле лонгитудинални истражувања на примерок од 4000 деца на кои ги анализирале ефектите од предучилишното воспитание и на примерок од 30% на постари предучилишни деца. Резултатите се импресивни. Оние деца кои најрано започнале со учење во мајчинските школи (ècoles maternalles), кои посетувале квалитетни предучилишни програми со квалитетни учители подоцна биле многу поефикасни во академските и социјалните постигнувања, подобро се прилагодувале, полесно ги прифаќале сите тешкотии и маки во животот, полесно ги совладувале сите предизвици и биле посреќни.
Тука се отвора и прашањето за семејството и односите внатре како клучни за квалитетот на интеракцијата понатаму во животот. Само за споредба во Македонија опфатот на деца во предучилишно воспитание е некаде околу 20%.
Кај нас се уште владее тезата дека децата прво треба да се „изиграат“, а потоа да учат. Оваа теза во основа ја носи претпоставката дека учењето е мачно и неинтересно. Што не е точно. Постојат систематски и научни факти кои потврдуваат дека најголемите педагошки ефекти се постигнуваат кога учењето се реализира преку игра и каде што има мотивација. Затоа ако се најде начинот како децата да се радуваат на училиштето, ако учењето се поврзе со играта, тогаш раното учење може да биде и интересно за децата. Понатаму доколку и средното училиште продолжи да ги оспособува децата лесно да учат, постои оправдан оптимизам децата да го засакаат учењето, и да започне да се создава нација на ентузијастички ученици.
Ако сме доволно храбри да влеземе во предвидувањата на некои педагози тогаш состојбата на крајот на 21 век би била дека само 5-10% од светската популација со својата работа ќе можат да ги задоволат потребите на целото човештво. Тоа значи дека околу 90% од граѓаните на светот ќе бидат без работа или ќе го работат тоа што ќе го сакаат. Некои образовни системи веќе градат стратегии како да се учат децата за целоживотно учење, за уживање во учењето и како да се користи слободното време. Денес некои училишта децата ги учат за здраво и среќно користење на слободното време, кои продуктивно ќе создаваат добри дела потребни на сите. Иднината не е дар, таа е достигнување (Луедер).