Големи подмолни последици има влијанието на медиумите и користењето на социјалните мрежи. Нивното влијание може да има голема ерозија на способностите на детето. Последните големи научни студии во неврологија потврдуваат дека однесувањето на новите генерации е поврзано со промените во развојот на мозокот на децата. А за тоа, најголемо е влијанието на медиумите.
Денешните генерации, децата во основно и средно училиште во текот на денот повеќе време минуваат на социјалните мрежи отколку во друштво или во семејството. За нив веќе училишниот простор станува неподнослив, имаат намален интерес за читање, учење, лоши здравствени навики, негативни ставови, зголемена сексуална активност, времето досадно и неисполнето, затоа што доминантниот дел од времето го минуваат на социјалните мрежи и при тоа го стимулираат само едниот дел од структурата на личноста а тоа се дразбите на задоволството односно според Фројд – збирот од расфрлани инстиктивни наклоности. Затоа што сликите, игрите и забавата се главните теми на социјалните мрежи а тоа е најважната платформа за комуникација на младите. Очигледно дека е многу прагматична форма за брзо пренесување на информација, и веќе е поважна и поинтересна од многу други работи.
Дали учителите и учениците треба да бидат пријатели на фејсбук? Во некои системи децата до 13 години не треба да имаат било каков профил на социјалните мрежи, за тоа се едуцираат и родителите преку воспитно-образовните институции. Заштитата на децата на интернет е во еден дел и техничко и правно прашање кое подразбира поставување на филтри и контрола, но суштински е проблем на родителите.
Во некои земји постои забрана за користење на фејсбук помеѓу учениците и учителите, но и помеѓу учителите во службената комуникација. Некаде, професионалните здруженија издаваат упатства и акти. Тоа е заради потребата од педагошка дистанца помеѓу ученикот и учителот, но и заради јасна разлика помеѓу приватниот и професионалниот живот на учителот, и почитување на авторитетот.
Од друга страна, прашањето е дали учителот и ученикот се пријатели, без разлика на нивната длабока поврзаност? И дали тоа е соодветно однесување на учителот, ако не се праша самиот себе и ако не промислува кога „постира“ нешто дека тоа можат да го видат и толкуваат на различни начини неговите ученици кои се во најбурниот период на развој. Ова всушност се однесува на моралниот идентитет и зрелоста од интелектуален и духовен аспект на личноста на учителот, бидејќи тој и да не е пријател на фејсбук со учениците, тие можат да изнајдат некаква фотографија или тема која би го нарушила авторитетот во очите на своите ученици или колеги, ако тој човек има такви пориви и поведенија, и со тоа децата би ја промениле сликата за вредносниот систем.
Затоа во времето кога веќе 90% од децата се на интернет, нашиот главен фокус треба да биде воспитанието на користењето на интернетот.