Во педагогијата има еден термин кој е познат како „СВЕТ НА КВАЛИТЕТ“. Во кратки црти тоа значи отприлика вака: ака не го воспитувате и образувате детето, ако вие како родител, учител, или како општество немате уши за неговите зборови, ако немате ум да му кажете што е најдоброто за него и како систем не го формирате и создавате „светот на квалитет“ а тоа е создавањето на навики за доброто, убавото, за вредноста, тогаш детето само ќе се создаде свој свет на квалитет, по сопствени убедувања и уверувања.
Во 80-те години од минатиот век, започнати се најголемите реформи во образованието во САД, Азија, дел од Европа, кои подоцна ќе се одразат и на другите земји. Целта на тие реформи е до почетокот на третиот милениум да се конституираат компетентни образовни системи кои ќе бидат меѓусебно компатибилни. Суштината на реформите се состоела, преку воспитно образовниот систем да започне темелно менување на квалитетите на човекот. И тоа да почне од најраната детска возраст.
Во тој период САД формирале Национална комисија за квалитет на образованието која на конгресот му поднесува извештај со наслов „Нација во опасност“ (A Nation at Risk).
Во извештајот се истакнува дека постојниот систем на воспитание и образование е неприлагоден на општеството за работа и производство со високи технологии. Комисијата истакнала дека наставните планови и програми се слаби и дифузни, дека има премалку академски и технолошки содржини, премалку странски јазици и математика, дека лоша е оспособеноста на наставниците итн. Затоа целта е да се постигне квалитетно образование. Во извештајот до Конгресот стои и следната реченица: „Некоја земја да се обиде да ни наметне ваков систем на образование, тоа би го сметале за објавување на војна“.
Образованието на наставниците (воспитувачите) се развива под влијание на низа фактори, како што се: (1) Степен и карактер на развиеноста на општествено-економските односи, (2) Доминантни филозофски, педагошки и политички идеи на земјата, (3) Историскиот развој на земјата и народот, како и неговиот статус во однос на глобалните тенденции.
Европска комисија – Заеднички европски принципи за компетенциите и за квалификациите на наставникот
За да се зголеми квалитетот на овој систем, потребно е воспоставување на механизам за осигурување на квалитет. Систем на акредитација, методи на лиценцирање за високи стандарди и континуиран професионален развој.
Што е потребно кај нас?
Лиценца за учител/воспитувач – Потребно е воведување на професионален испит, и лиценца кои ќе се обновуваат во редовен временски период. Тоа е нешто што сериозно ни е потребно, а исто така и позитивна пракса во многу земји.
Министерството за образование и наука заедно со факултетите, претставници од професионални здруженија, наставници/воспитувачи, раководни тела на детските заедници да ги одредува базичните компетенции на учителите (воспитувачите) и да го издава сертификатот за професионалната оспособеност и лиценцата за работа.
Стекнувањето диплома е првиот услов за добивање квалификација за работа како учител/воспитувач, но сам по себе е недоволен. Имено, компетентноста за работа во образование се потврдува со полагање државен испит пред Националната агенција за квалитет на образованието.