Која игра ја играш? Тоа е прашање за секој од нас. А, токму така е и насловот на една мошне популарна книга во целиот свет (Берн, 1980). Во неа се изнесени игри кои најчесто ги играат возрасните во секојдневните нивни односи. Не играат само децата, сакаат да играат и поголемите и возрасните. Впрочем, сите ние цел живот играме некакви улоги. Но, најчесто играме без да се запрашаме што играме, зошто така играме и како би можеле поубаво да ги одиграме и да ги избираме игрите и улогите што ќе ги играме на секојдневната животна сцена.
Зошто играта Покемон предизвикува толку голем интерес и внимание во светот?
Дали заради тоа што конечно една игра ги натера децата почесто да излегуваат од дома, да се здружуваат и да ја развиваат својата љубопитност? Дали оваа игра многу чудно излегува од технологијата и влегува во реалноста, па човекот кој игра мора физички да биде и многу активен? Или можеби во позадината се крие нешто друго!?
Дали е тоа повеќе од игра?
Сепак ако се дистанцираме од секојдневните изјави кој имаат многу краток поглед, бидејќи главните толкувања се какви проблеми предизвикува играта со примери на бизарни случаеви (Како некој млад човек ја напуштил работата и тргнал за 2 месеца да ги пронајди сите Покемони во Нов Зеланд, па до тоа дека некој бил ограбен додека играл, па некој убиле бидејќи мислеле дека е крадец, па некој пронашол мртовец наместо Покемон… и т.н.) и се насочиме кон она како е дојдено до оваа игра, тогаш би требало да ја погледнеме од страната на науката.
Науката од поодамна зборува за т.н. „проширена стварност“. Проширената стварност е моќна алатка за визуелизација во реално време, која може да го прошири нашиот поглед на реалниот свет. Проширена стварност (augmented reality), е всушност кога кадарот се процесира и содржи повеќе информации отколку „реалната“ стварност, оттука е и изведен терминот проширена стварност.
„Проширена стварност“ е збир од технологии кои му овозможуваат на корисникот мешање на виртуелни содржини со содржини од реалниот свет (непосредната околина) директно во видното поле. Темелни карактеристики кои ја одредуваат „проширената стварност“ се: комбинација на реални и виртуелни предмети во реално опкружување, интеракција и дејствување во реално време, регистрација и поправање на реални и виртуелни предмети кои меѓусебно се во некоја релација.
Како научна дисциплина со огромен потенцијал, науката смета дека „проширената стварност“ ќе овозможува широка примена и подигање на квалитетот во сите подрачја: во медицината, како помагало за време на операциите и преглед на пациентите, за лаборатории на универзитетите каде секој студент ќе има своја лабораторија, во воената индустрија, во архитектурата, во образованието и тн. Во моментот има најширока примена во забавната и филмската индустрија.
Учителите се свесни дека учењето е многу подобро кога не е само слушање и читање, туку и творење и дејствување.
Ако ве интересира нешто за Втората светска војна, за само една секунда ќе можете да се најдете на бојното поле и да видете „од прва рака“ што се случувало и уште во позадина да оди наратор. Можностите ќе бидат бескрајни и тоа предизвикува голема еуфорија каде што преку развојот на технологијата ќе се подобрува образованието, информирањето, медицината и многу други области. Оттука, интересот за играта Покемон ќе биде како и сите други игри, но визијата која ја нуди технологијата за развојот на човештвото е нешто друго.