Пред неколку години, еден стручњак од областа на агресивноста кај децата во предучилишна возраст, д-р Џејми Остров, се здружил со еден друг стручњак од областа на ефектите од изложеност на медиуми д-р Даглас Џентил. Овие двајца професори поминале две години истражувајќи ги децата во предучилишните установи, споредувајќи ги нивните однесувања од изјавите на родителите што гледаат децата на ТВ, ДВД и други медиуми. На возраст од 2-5 години, истражувани се деца од семејства со пристојни и богати примања и добро социјално потекло.
Професорите очекувале дека децата кои гледале содржини со насилства, како што се „Моќните ренџери“ и „Војна на ѕвездите“, ќе бидат физички поагресивни во текот на играта од другите деца во градинката. Исто така очекувале дека децата кои гледале повеќе т.н. образовни емисии, како што биле „Артур“ и „Клифорд“, „Големиот црвен пес“, не само што ќе бидат помалку агресивни, туку ќе бидат по-социјализирани, по-друштвени, дека ќе споделуваат, ќе помагаат, ќе бидат поангажирани и тн.
Истражувачите кои постојано ги следеле децата биле обучени да прават разлика од физичка агресија и вербална агресија. Физичката агресија опфаќала одземање на играчките на другите деца, буткање, влечење и кој било вид ударање. За агресија се сметале и изјавите „Не може да си играш со нас“ или само игнорирање на детето кое сакало да си игра, одбивање на пријателство или лажење за другото дете. Вербалната агресија опфаќала именувања со погрдни зборови и изјави од типот: „Тишина“, или „Ти си глупав“ – и тоа често било пратено со физичка агресија.
Истражувањата покажале дека децата неделно гледаат околу 11 часа ТВ емисии, ДВД и други медиуми.
На прв поглед, хипотезите на овие научници се потврдиле – но податоците покажале уште нешто, нешто што не било очекувано. Колку повеќе децата гледале т.н. образовни емисии, децата станувале агресивни и се повеќе заповеднички настроени, насочени кон контролирање и манипулации.
Прашувајќи се како е ова можно, истражувачите почнале да ги гледаат програмите на каналите PBS, Nikelodeon, Dizni TV canal. Заклучиле дека во многу образовни програми најголем дел од времето се посветува на создавање конфликти помеѓу ликовите, а само неколку минути во разрешување на истиот конфликт.
„На децата на предучилишна возраст не им е едноставно да ги поврзат информациите од крајот на емисијата со она што се случувало претходно“. „Веројатно помалите деца не ја усвојуваат поуката на ист начин како постарите деца или возрасните, туку наместо тоа учат обрасци на однесување кои се прикажуваат на ТВ“.
Истражувањето го повториле во 4 различни предучилишни установи во Њујорк… Повторно заклучиле дека на детските ТВ програми постои високо ниво на вербална агресија.
Студентите на Универзитетот Итака трпеливо проучувале 470 полачасовни емисии кои децата редовни ги гледаат, ја забележувале секоја ситуација во која еден лик навредува друг лик или го нарекува со погрдни зборови или го омаловажува. Анализите покажале дека 96% од сите ТВ детски програми содржат вербални навреди и омаловажувања, во просек 7,7 пати во 30 мин.епизода. Емисиите кои биле сметани за изразити по-социјални и позитивни не биле многу подобри – 66,7% од нив содржеле навреди. Овие реченици да бидат изговорени во реалниот живот, последиците би биле страшни. („Како можеш да заспиеш вечерва ако знаеш дека си целосно промашување?“ – реченица од цртаниот филм „Сунѓерот БОБ“).
Можеме да замислиме дека образовните емисии иницијално користат навреди за да се извлече поука дека навредите се штетни, но еден истражувач заклучил дека тоа воопшто не е така. Од 2269 омаловажувања, во само 50 случаеви оној кој навредувал бил укорен или корегиран – а ниту еднаш тоа не било во образовните емисии. Во 84% од случаите настапува смеа или поминува без никаква реакција.
(продолжува)