Едно големо истражување покажало дека наставните планови по мултикултура во училиштата имаат далеку помало влијание од она што се замислило. Најголемата причина е што имплицитната порака „Сите сме пријатели“ е премногу неодредена за да сфатат децата дека се однесува на бојата на кожата.
Со децении се претпоставува дека децата ќе ги увидат расните разлики само кога општеството ќе ги отвори тие теми. Тој пристап го делеа голем дел од научната заедница – мислењето беше дека прашањето за припадноста на човековата раса е општествено прашање кое е најдобро да им се остави на социолозите и демографите со него да се занимаваат. Меѓутоа, истражувачите на детскиот развој се повеќе почнуваат да ја преиспитуваат оваа претпоставка. Тие тврдат дека децата ги гледаат расните разлики толку јасно како што ги забележуваат разликите меѓу розевата и сината боја – но ние им велиме на децата дека „розевото“ е за девојчињата, а „синото“ за момчињата. „Белото“ и „црното“ се прашања кои им ги оставаме на нив самите да ги решат.
Истражувањата во 2007 г., објавено во Journal of Marriage and Family открива дека од 70 000 фамилии кои имаат деца во градинка, 45% изјавиле дека никогаш или скоро никогаш не разговарале со своите деца за расните прашања. И тоа важело за сите националности. Родителите кои не се белци, во просек три пати почесто разговарале за расни прашања отколку родителите белци; 75% од родителите белци никогаш не разговарале.
Кога децата еднаш ќе препознаат разлика потребно им е многу малку да ги развијат групните предрасуди. Еден експеримент кој се водел во три предучилишни заедници, каде на четиригодишни и петгодишни деца им биле поделени маици со кратки ракави. На половина од децата им се дадени сини маици, а на другата половина црвени. Децата ги носеле маиците три недели. Во текот на тоа време, учителите ниту еднаш не ги споменале нивните бои и ниту еднаш не ги групирале децата по боите на маиците. Учителите ниту еднаш не ги нарекле „сини“ или „црвени“. Но истражувачот сакал да види што ќе се случи природно кај децата тогаш кога се воспоставени групите според бојата.
Децата не се поделиле по своето однесување. Тие во текот на одморот слободно си играле меѓу себе. Но кога ги прашале на кој тим му припаѓаш, или кој тим би победил во трката, тогаш тие ја избирале сопствената боја. Повеќе им се допаѓале децата во групата со истата боја и верувале дека се попаметни од другата група и боја. „Црвените никогаш не покажале омраза спрема „Сините“. Тоа повеќе давале коментари од типот: „Сините се во ред, но не така како нас“. Кога „црвените“ ги прашале колку има добри меѓу нив, тие одговориле: „Сите НИЕ“. А кога ги прашале колку има добри меѓу сините, тие одговориле: „Само некои“. Некои меѓу „сините“ се подли, а некои се приглупи – но не и „црвените“.
Овој експеримент покажал дека децата ќе направат поделба што и да им дадете – што всушност само навидум го потврдува прашањето за расите дека постои проблем само ако ние го создадеме проблемот. Овој истражувач мисли дека е многу важно да се разговара со децата за човековите раси, од најрана возраст, веќе од третата година. Зошто?
Нејзиниот аргумент е дека децата во развојната смисла се склони кон фаворизирање на групи; тие самите формираат предрасуди. Децата на рана возраст категоризираат сè, од храна, играчки, па до луѓе. Меѓутоа, потребни се години за нивните когнитивни способности да им дозволат успешно да користат повеќе од еден атрибут за да категоризираат. Во меѓувреме, атрибутот на кој се потпираат е оној кој е највидлив.
На детето му се допаѓа најмногу онаа личност која ја идентификува како најслична на себе. А потоа тоа го шири заедничкиот поглед многу повеќе – верувајќи дека се друго што му се допаѓа, и се допаѓа и на оние кои се слични на него. И сè што на детето не му се допаѓа и припаѓа на оние кои најмалку наликуваат на него. Оваа спонтана тенденција која претпоставува дека сите членови на групите на кои се припаѓа имаат исти карактеристики – како што се добрината или умот – се нарекува есенцијализам. Децата никогаш не мислат дека групите се случајни.
Ние можеме да мислиме дека создаваме средина за децата кои се слепи за боја, но разликите во бојата на кожата или косата или во тежината се како разликите во полот – тие се силно видливи. Не мораме да им дадеме име за да бидат посебно истакнати. Дури и ако учителите и родителите не споменуваат никакви разлики, децата самите ќе ја користат бојата на кожата, на истиот начин на кој ги користат и боите на маиците кои им биле дадени.
Замолчувањето на децата кога ќе кажат нешто што не би требало е инстиктивен рефлекс, но често и погрешен потег на возрасните. Детскиот мозок е склон кон генерализации и тој не може а да не се обиде да генерализира правила од примерот кој го гледа. Најголема срамота е кога на детето ќе му излета: „Не можеш да играш кошарка бидејќи си бел, така да мораш да играш бејзбол“. Но, нивното замолчување само покажува дека за овие теми не се зборува.
Малите деца прават заклучоци поради кои на нивните родители им е непријатно, иако виделе неколку контра примери. Децата не се пасивни примачи на знаење, напротив, тие се активни градители на сопственото сфаќање. Децата дури и го искривуваат своето сеќавање за одредени факти за да се вклопат во категоријата која веќе ја формирале во својата глава. Потребата на мозокот категориите совршено да се вклопат е уште посилна на седум отколку на пет години, така да ученикот од второ одделение може многу повеќе да ги искривува фактите за да ги одбрани своите категории отколку детето во градинка. Тоа на родителот може да му изгледа дека неговото дете разноликиот свет го сфаќа полошо наместо подобро.
Резултатите од истражувањето посочуваат дека разговорите за расите треба да бидат експлицитни за да бидат ефикасни, и тоа користејќи термини кои децата непогрешливо ќе ги разберат. Една мајка постојано му зборувала на својот петгодишен син: „Треба да имаш на ум дека сите сме еднакви“. Таа мислела дека нејзината порака е јасна. На крајот, после седум месеци, нејзиниот син ја прашал: „Мама, што значи „еднакви“?“