Иако зборот авторитет кај многумина предизвикува негативни асоцијации, неговото изворно значење доаѓа од латинскиот глагол augere, што значи, зголемување, развивање, збогатување. Исто потекло има и зборот автор, оној кој твори, кој создава, кој додава некаква нова вредност.
Родителот е архетипски авторитет за детето, всушност токму и поради тоа бидејќи го храни и му помага да порасне. Во етимолошка смисла и нашите зборови воспитание (од воспитати, што значи да се нахраниш) и образование (од образ, оној кој за своја аналогија треба да го има образот божји).
Колку повеќе се зборува дека „Децата се на прво место!“, сè повеќе се повлекуваме од улогата на вистинското родителство и ние и општеството. Најпрвин самите да си поставиме неколку директни прашања. На пример, како и кој ги подрива способностите на родителите, наставниците, докторите, полицајците… да им помогнат на нашите деца да станат општествено корисни возрасни граѓани?
Дали порано родителите многу повеќе се ангажирале? Дали ние како генерации родители многу брзо остаревме? Зошто најголем процент во историјата до сега има домаќинства со самохрани родители? Ова се сериозни теми…
Во текот на последните неколку децении, начинот на кои се однесуваат родителите драстично се промени. Она што порано родителите го правеле интуитивно и инстиктивно, денес е подигнатo на ниво на голема наука и станува предмет на политичка мода, делокруг на гуруа, експерти и ТВ воспитувачи.
Ерозијата на родителското влијание е предизвикана од различни надворешни фактори наводно наменети да ги заштитат децата, а во суштина го разоружуваат семејството, родителите, и на крајот се постигнува спротивен ефект во целото општество.
Родителството не почнува и не завршува само до нашите влезни врати. Во цивилизираното општество таа задача се проширува на целата заедница. Порано премолчено се подразбираше дека соседите, наставниците, полицајците, па дури и непознати луѓе би можеле да ги предупредат туѓите деца заради непримерно однесување. Но, денес се случува сосема спротивното. На наставниците и на родителите често им се спротивставуваат на нивните казни кон децата, а една нова студија која ја спроведува Одборот за образование во САД покажува дека се повеќе наставници се суспендираат од работа и од својата професија, а непознати луѓе можат да бидат и уапсени или претепани кои покажале интерес да интервенираат заради непристојно однесување на туѓи деца, па дури и кога е очигледно дека децата прават кривично дело.
Денес се повеќе се заговара враќање на заедничкото родителствување во најширока смисла на зборот, бидејќи во голема мера го олеснува животот, и само така достоинствено можеме да го замислиме општеството како заедница (од за-едно). Клучното прашање е враќање на авторитетот на возрасните личности во светот на децата.