Фројд ги повикува педагозите да ја користат науката за психичкото несвесно во воспитувањето на цивилизацијата.

Едниите го обвинија и напишаа книга „Фројд антипедагог“ (Catherine Millot, 1979), спротивно на нив, други објавија „Фројд педагог“ (Mireille Cifali, 1982). Психоанализата е глобален поглед на човековата егзистенција, таа не е само обична терапевтска метода, таа на детството гледа како на нејзин основен „момент“. Психоанализата покажа дека воспитувањето не  е само свесно, намерно и организирано делување на општеството над воспитаникот, туку дека е и несвесно, ненамерно и неорганизирано влијание на личноста која се воспитува.

frojdАко општеството веќе предолго е пореметено, со толку голема количина на негативни, деструктивни состојби, тогаш, како да се прилагодите на долгогодишната ненормална ситуација и како наставниците и родителите да ги воспитуваат децата, а општеството да не ги направи болни членови,  и уште да се вклопат во истото тоа општество? Како некои луѓе наоѓаат здрави начини да се носат со проблемите на животот и живеат среќно?

Постојат три невозможни професии: воспитување, раководење (политика) и психоанализа. Детството е одлучувачки период во формирањето на личноста. Затоа и „детето е татко на човекот“? Детето е суштество кое поседува агресивни нагони. Конрад Лоренц и Едгар Морин, покажаа дека нагонската нерегулираност е важна карактеристика на човековата врста.

Зошто е толку тешко воспитувањето? Првиот и можеби најважен принцип на човековата целокупна активност е задоволството. Нашата работа, чувства, мисли, во принцип се раководени од постојано барање на  задоволства и избегнувањето незадоволства. Луѓето сакаат да бидат среќни и тоа така да остане. Оваа аспирација има две страни, една негативна и втората позитивна: од една страна да се избегне болката, а од друга да се бара радоста.

Нервозата произлегува од наведените замени и забрани, и така воспитувањето по својата суштина е фрустрирачко, бидејќи оневозможува изразување на еден природен принцип – задоволството.

Воспитувањето разрешува конфликти, но не ги потиснува, тоа бира време и начини за интервенција и забрана, патишта за што подобар одговор за задоволување на нагоните, со цел да биде поефикасно и најмалку штетно или патолошко. А тоа е уметност – позиционирање на педагогијата.

Раната возраст претставува исклучителна творечка и животна сила. Тоа се нагоните (pulsion) за сознавање или истражување, кои се нарекуваат и потреба за сознавање. Но, детството е период на „слабости“ и затоа е извор на потешкотии кои пристигнуваат во зрелото доба.

Авторитарното воспитување произведува нервоза кај поединецот.

Одбивањето возрасниот да им одговори на децата – децата добиваат чувство дека возрасните не се заинтересирани за нив и дека не ги сакаат, и така се зачнува –  нарцизам.

Средбата на детето и културата, тоа е она место и момент каде започнува воспитувањето. Воспитувањето е акција на возрасниот над детето, која му овозможува социјализација на детските желби, желбите да се прилагодат на реалноста, задоволството да се интегрира во средени меѓучовечки односи. Всушност воспитувањето започнува со контролирање на нагоните и тенденциите во целосно слободно и полно изразување. Тоа е средба на биологијата (нагонското во детето) со средината и културата (социологијата). Културолошките закони се надградуваат на биолошките. Средбата на биологијата и културата е најважниот аспект за трајниот однос помеѓу индивидуата и културата, таа е прогресивна во текот на целиот живот.

Да размислиме добро која е првата задача на воспитувањето. Детето треба да научи да ги совладува своите нагони. Да му се даде слобода да ги следи, без рестрикција, сите свои побуди, тоа е невозможно. Потребно е, воспитувањето да инхибира, забранува, спречува, и тоа во голема мера воспитанието го прави цело време. Но, анализата (психоанализата) не научи дека всушност тоа гушење на нагоните предизвикува опасност од неурози. Значи, воспитувањето треба, да го бара својот пат помеѓу Сцилите-на дозволувањето да се прави и Харибдите-на забрана, значи, фрустрациите. Се работи за тоа, да се одлучи каде и кога да се забрани, и во кој момент, и на кој начин да се дозволи, а тоа е задача на педагогијата.