„Се вели дека очите се огледало на душата…тие се огледало на емоционалниот дел на мозокот“.
Марија Монтесори (Maria Montessori) (1870-1952)
Детето е во фаза кога неговиот „дух впива сѐ“. Почитувањето на детето според Монтесори е еден од најважните педагошки принципи…Секое живо суштество има свој сопствен генетски програм. Воспитувачот мора да поседува морални компоненти кои од него не ги бара ниту една метода, а кои се состојат од мир, трпение и милосрдие. Најдобра претпоставка за тоа не се зборовите туку доблестите.
Педагошките идеи на Марија Монтесори и нејзиниот концепт го заобиколиле целиот свет. Родена е на 31 октомври 1870 г., во близина на Анкона, Италија.
Студирала повеќе науки, медицина, математика, педагогија и психологија, интензивно се занимавала и со антропологија. Во 1904 г., раководи со Катедрата за антропологија на Универзитетот во Рим, на која што започнува со голем број антрополошки истражувања кои биле насочени кон педагогијата.
Раководител е на Институтот за педагогија „Scuala magistrale оrtofrenica”. Оттука и започнува нејзиниот модел на Педагогија кој се практикува и денес низ целиот свет.
Во 1907 ., во Сан Лоренцо е отворена нејзината прва Детска куќа под името „Casa dei bambini” (Дом на детето). Оваа куќа се наоѓала во сиромашното предградие на Рим.
Во Домот на детето се било направено и прилагодено за возраста на децата. Покрај тоа, бил направен и посебен сензомоторички материјал. Децата за многу брзо време почнале да развиваат позитивно-општествено однесување, биле љубезни, покажувале интерес за се што ги опкружува. Така, почнало да се зборува за значењето на педагошкиот успех во Сан Лоренцо.
За своите методи на работа зборува и ги објаснува во книгата „Самостојното воспитание во раната детска возраст“, објавена во 1909 година.
Својата педагошка дејност ја поврзува со високите етички и морални принципи и идеалистички барања.
Монтесори смета дека првите шест години од животот на детето се најзначајни. Во тој период детето е посебно чувствително на развивањето на способностите и подготвувањето за училиште.
Монтесори воведува нови педагошки принципи знаејќи дека постојат посебно – чувствителни степени во животот на детето. Првите три години од животот Монтесори ги смета за „чувствителен степен за развој на говорот“.
Покрај чувствителниот степен за развојот на говорот, Монтесори ја споменува и смислата за ред кај децата. Веќе во првата година од животот на детето се забележува таа чувствителност и тоа трае до крајот на втората година од животот. Можеби звучи чудно и претерано, дека детето има чувство за надворешен ред, но тоа реално постои кај детето, тврди Монтесори. Ако на овој степен околината не е подготвена за детето, а ако детето живее само со возрасните, може да се случи оваа чувствителност да се претвори во страв, во чудно однесување, наместо во мирен развој.
Во периодот од 3-6 година детето има потреба да си игра со другите деца. Таа заедничка игра му е потребна за сопствениот развој и за развојот на личноста. Тоа е периодот кога децета си играат во група во детската градинка. Монтесори ова време го нарекува – општествено ембрионално време.
За Монтесори, индивидуализација е значаен принцип во овој период, на кој треба посебно да се внимава. Индивидуалната работа не раѓа егоизам, туку искуства за создавање на чувствата за општеството и градење на општествената свест.
Почитувањето на детето според Монтесори е еден од најважните педагошки принципи. Размислувањето за детето – тоа е оној важен елемент на Монтесори – педагогијата кој до денес не ја загубил својата актуелност и има своја научна оправданост во тоа што секое живо суштество има свој сопствен генетски програм.
Улогата на воспитувачот е голема. Воспитувачот треба да го набљудува детето и кога работи и кога се брза, и кога се повлекува во себе и кога зборува и кога молчи. Воспитувачот мора да поседува морални компоненти кои од него не ги бара ниту една метода, а кои се состојат од мир, трпение и милосрдие. Најдобра претпоставка за тоа не се зборовите туку доблестите.
Монтесори-педагогот пред се мора да ги сака децата. Трпението, разбирањето, природниот авторитет, духовитоста, фантазијата како и почитувањето на детето се особини кои воспитувачот мора да ги има.