А една жена со детенце на градите рече:
Зборувај ни за децата.
И тој рече:
Вашите деца не се ваши деца.
Тие се синови и ќерки на копнежот кон Животот.
Тие настануваат низ вас, но не од вас,
И иако се тие со вас, тие вам не ви припаѓаат.
Можете да им ја дарите вашата љубов,
Но не и вашите мисли,
Зошто тие имаат сопствени мисли.
Вие можете да ги вдомите нивните тела,
Но не и нивните души,
Бидејќи нивните души живеат во куќата на утрешнината,
Која вие не можете да ја посетите,
Дури ни во соништата ваши.
Вие можете да тежнеете да бидете како нив,
Но не терајте ги нив да бидат како вас.
Зошто животот не се враќа назад,
Ниту се задржува во минатото.
Вие сте лаковите од кои вашите деца
Како живи стрели се напред отфрлени.
Стрелецот ја гледа метата на патеката на бесконечноста,
И тој се свиткува со Неговата сила
За стрелата Негова да летне брзо и далеку.
Нека вашето свиткување
Во рацете на Стрелецот ви биде задоволство;
Зошто иако ја сака стрелата што лета,
Тој иста така го сака лакот кој е постојан.
Калил Џибран