Историските случувања од минатиот и овој век покажаа дека ваквиот концепт на државно образование станува проблематично. Тоа истото се однесува и за најбогатите и најдемократските држави…
Како може денес да се воспитуваат и образуваат младите за слобода и одговорност кога образовниот систем преку своите бирократски структури им ја наметнува и одредува целокупната педагошка дејност на учителите.
Според идеите на Рудолф Штајнер, училиштето е установа за слободен духовен живот (покрај општествениот живот кој треба да почива на начелата на солидарност, братство, правда и еднаквост). Според тоа, училиштето не се поставува ниту според политичкиот систем, ниту спрема барањето на општеството, туку само според човекот.
Валдорфското училиште е всушност интегрирано обединето училиште. Овде, моралот, религијата, науката, уметноста, животната пракса се обединети во целосообразно воспитание и образование на човекот.
Овој принцип во педагогијата на Рудолф Штајнер бара и посебно образование на учителите. „Учителот во државните училишта е поставен според принципот на хиерархија на способностите. Тоа значи сè што прави е според пропис, а не според неговата лична иницијатива и спознание. Тој мора да се прилагодува на условите кои ги поставиле други луѓе (системот).
Ако некогаш ова било неопходно и нужен чекор, денес претставува проблем и кочница на образовниот систем. Валдорфските училишта се друго ниво на воспитание и образование, каде учителот има реален вистински увид во самото битие на младите луѓе кои растат со целосна одговорност.
Училиштата кои применуваат Валдорфска педагогија живеат од силата на сите учесници – учители-родители-ученици.
Наставниот совет нема хиерархија. Се избира едно тело во кое родителите и учителите го претставуваат училиштето во јавноста. Секој учител без оглед на неговиот степен на образование или одделение кое го води, ги има истите права и обврски. Тоа значи дека сите задачи организациски, лични, политички или било какви треба заеднички да се решаваат.
Неделната конференција е форум за советување и донесување одлуки. Во рамките на педагошките работи сите учители рамноправно одлучуваат и постојано ги разработуваат темелните знаења за човекот, заеднички се расправа за прашања од методиките и дидактиката, се разговара за секој ученик, одделенија и сл.
Одлуките не се донесуваат со демократска победа на мнозинството, туку секогаш едногласно. Тоа значи дека се преговара и се работи на проблемот сè додека сите не се убедат во решението.
Клучната тема на наставничката конференција е постојаното усовршување на учителот, на учењето, постојана работа на самиот себе, на својата педагошка концепција, како и на целокупниот концепт на училиштето. Валдорфската педагогија не бара цврст и крут дидактички пристап, туку се работи за процес кој се развива и живее, затоа и учителот мора да се прилагодува на променливите општествени и локални околности.
Да си посакаме
Еден свеж и радосен ден.
Еден ден без грижи.
Еден ден без жалби,
Ден во кој сите, со нашите сили
и со радосно срце ќе правиме добро.
Вака започнува еден ден во прво одделение во училиште кое работи според Валдорфска педагогија.