Се додека оцените се единствениот критериум за креирање на кариерата и иднината на младите,  образовниот систем ќе биде под силен притисок. Преголем акцент се става на оцената бидејќи е клучна и го детерминира продолжувањето на образованието. Во некои истражувања на ученици кои повторувале се забележува дека тие долгорочно понатаму постигнуваат лоши резултати во образованието, затоа во некои европски земји нема повторување на година. ОЕЦД и предложи на земјите на ЕУ да го укинат повторувањето, и тоа од економски причини а не од суштински потреби, бидејќи „повторувачите“ го оптеретувале  буџетот.

Ние треба да го реформираме процесот на вреднување на резултатите на учениците. Што тоа конкретно значи? Во основното образование треба да биде нагласена воспитната компонента. Да нема оценување на учениците до 6-то одделение. Училиштата во основното образование треба да ја имаат целта да бидат суштински фактор кој постојано ќе ги мотивира децата да ги всадат во себе вредностите на животот, формирањето на ставови, зошто всушност ни се потребно училиштето,образованието, семејството, општеството, државата, светот… Многу родители и социјалната средина најчесто ненамерно и несвесно придонесуваат за формирање на страв од училиштето и учењето, со односот кон децата, од типот: „Ќе видиш Ти кога ќе тргнеш на училиште…“. Така почнува да се генерира страв и негативност кон образованието. Затоа Ние треба прво да се воспитаме за да можеме да бидеме дисциплинирани, трпеливи, заинтересирани. За оцени и повторување треба да се разговара во повисоките одделенија, каде ќе се бара и ќе доминира образовната компонента, знаењето, вештините, способностите.

НЕ ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЕКСТЕРНОТО ТУКА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ

Во светот нема две држави кои имаат идентичен пристап на вреднување на образовниот систем. Кој пристап е добар а кој помалку добар или лош тешко може да се каже, затоа што образованието е сложен и комплексен систем и е под влијание на културните, економските, политичките, правните, етичките, педагошките, социолошките, психолошките…. фактори. Екстерното тестирање е сериозен инструмент за мерење на резултатите. Ние не би требало да размислуваме за укинување на тестирањето туку за подобрување на процесот, на оперативните активности. Ние тука имаме недостатоци и импровизации. Треба да се отвори дебата дали во основните одделенија би требало да има тестирање!? Според мене, не! А, за средното образование не треба да се размислува на таа тема. Тоа едноставно е потребно. Кај нас е проблемот што тоа создава притисок, пресија, наставниците и децата се под стрес. Потребен е менталитет и систем на релаксиран процес на вреднување на сите состојби во образованието. Едноставно самите да побараме да се вреднуваме.

Државниот испит, екстерното, интерното оценување, лиценцата… треба да и го покаже на државата реалниот квалитет и вредност на издадената оцена, свидетелство, диплома од образовните институции на кои државата им дала право да издаваат дипломи. Тоа треба да биде суштината.

Државата треба да го види стандардот и квалитетот. Таа ги финансирала институциите со јавни пари на сите граѓани, заради интересот и потребата од образовани и стручни граѓани. Оттука, кој било вид на евалуација не треба да биде сфатен ниту како контрола ниту како награда и казна, туку како потреба.