Кога се зборува на оваа тема во образованието најпрвин треба да се разграничи што е надареност а што талентираност. Надарени се оние ученици кои имаат потенцијали за исклучителна успешност во многу различни подрачја на делување. Талентираноста се однесува за исклучителна успешност во едно подрачје. Постојат различни теории и сите се повикуваат на различни идентификациски параметри. Некои автори ја застапуваат тезата за 1% таленти од популацијата, други пак се движат и со процент од 25%.
Училиштата обично се фокусираат и ги препознаваат учениците кои отстапуваат од средината во логичко-математичкото подрачје и вербално-лингвистичкото подрачје, додека за уметности и спортот раната детекција е многу ретка.
За жал немаме систем за рано откривање на надерените и талентирани ученици. Оттука многу ученици се обесхрабруваат, демотивираат, разочаруваат и на крај го загушуваат сопствениот потенцијал за кој се најмалку виновни. Се е оставено да зависи од индивидуалниот ангажман на наставниците и родителите како ќе ги стимулираат овие деца. На крај сите губиме, детето, семејството, образовниот систем и најмногу државата затоа што не изградила систем да ги искористи сопствените интелектуални капацитети.
Но што да се направи? Најпрвин треба да сфатиме дека не сме сите исти и дека не можат сите ученици да учат според линеарни пристапи и модели на учење. Во некои земји постојат центри за откривање и работа со надарени и талентирани ученици кои системски работат и со децата, наставниците и родителите. Потребно е и наставниот кадар да се едуцира за откривање и работа со надарените и талентирани ученици. Потребни се посебни програми во редовната настава и воннаставните активности. Исто така многу важна работа е и мотивацијата на овие ученици со стипендии, учество на меѓународни и домашни натпревари, членување во меѓународни организации и т.н.