Идејата за промена на образовната парадигма во РМ е во создавањето на концепт преку кој развојот на образовниот систем ќе биде во функција единствено за оние за кого треба да постои. Потребен е пристап кој нема да се базира на компромиси заради задоволување на одредени парцијални гледишта и интереси.
Од изборот на директорот и училишните одбори во голема мера зависи квалитетот на раководење, развојот и почитувањето на професионалните стандарди и критериуми. Иако законот дава високи надлежности на директорот сепак постојат многу деформации во пракса и начинот како тој влијае на квалитетот на наставата, учењето, одржувањето на училиштето, детската градинка, поврзаноста со локалната самоуправа, родителите, општеството.
Зајакнување на улогата на органите на управување и раководење преку професионално раководење на воспитно-образовната установа. Деполитизација на изборот за директор. Во пракса е видливо големото влијание на политиката и политичките партии.
Дали можеби не треба да се размислува за воведување на позиција ПЕДАГОШКИ РАКОВОДИТЕЛ наместо ДИРЕКТОР?. Изборот да се врши во училиштето и да го прави колективот врз основа на програма која ќе се верификува и интерно и екстерно.
Да се размисли можноста и универзитетски наставници (од наставничките факултети) да можат да конкурираат и раководат со училиште, детска градинка или друга воспитно-образовна институција.
Училишните одбори покрај надзорна треба да имаат и развојна улога. Во одборите членуваат и претставници на локалната самоуправа кои треба да имаат одговорност за училиштето во општината.
Воведување на реален систем на евалуација на работата на педагошкиот раководител или директорот. Клучни критериуми треба да бидат успехот на училиштето од надворешното вреднување; угледот на училиштето во општеството; успешноста на учениците; мислењето на родителите и локалната заедница.
Државата да воведе супервизор на реализација на стандардот. Супервизорот би бил еден од добрите примери на наставници кој би следел секојдневно дали училиштето, наставникот, локалната самоуправа го реализира соодветниот стандард пропишан од државата.
Да се развие систем на соработка меѓу наставничките факултети на регионално ниво со училиштата и наставниците и да се воочуваат сите позитивни и слаби страни, да разговараат за предизвиците, проблемите и да изнаоѓаат решенија со наставниците согласно наставната програма и план.
Дефинирање на критериуми за доделување на статус КВАЛИТЕТНО УЧИЛИШТЕ на оние училишта кои одлично работат и имаат одлични интерни и екстерни вреднувања, соработуваат со средината и референтни институции.