Светот е супермаркет без граници.

Како денес две млади личности на почетокот на својот брак и семејство да се усогласат во нивните емоционални потреби, духовно да се пронајдат, економски да се заштитат и осигураат, да обезбедат за себе место во општеството задоволувајќи ги  своите потреби за важност и значење, како да се прилагодат на општествениот поредок и тоа на не конформистичен начин, и да одгледаат потомство, нормално човечко битие кое самото ќе ја бара својата среќа и благосотојба на другите? Тоа денес не е лесно, особено во земји и средини со долга не стабилност и дисконтинуитети, кога семејната ситуација на модерниот човек е многу сложена.

Голем дел на предизвици, проблеми, на воспитанието на општеството, на семејството, се последица на пореметените општествени односи, и ние сме како беспомошни објекти во општеството.

На прагот сме на некое ново доба, ново време. Патријархалното време кое траеше 2000 години е на самиот крај од своето постоење. Духот на новото време силно продира кај нас во општеството но и во секое семејство. Силното влијание на западот, целата брза технолошка цивилизација, сега помалку ја оштетува западната фамилија од нас, бидејќи се прилагодуваат веќе подолго време.

Голем број од родителите и наставниците ги вознемирува тоа што во денешно време се случува со децата и младите. Тешко може да му се чудиме на таквиот немир, зошто речиси од година на година расте бројот на ученици зависни од психотропни супстанци, ученици што не се успешни на училиште, агресивни и насилни, кои се дел од криминални групи, кои паѓаат во депресии, па дури доаѓа и до убиства во училишта. Доаѓа и до тоа некои ученици физички и психички да ги малтретираат своите наставници, а адолесцентите ги понижуваат своите родители.

Во ликот на современата криза на воспитување се појавува прашањето: Зошто е толку лошо? Што е тоа што ја предизвикува оваа криза во воспитувањето? Како е тоа можно во 21 век, кога се треба да биде подобро?

Некои педагози причините ги наоѓаат во постмодернизмот. Еден од нив е Марек Ѓевецки.

PostmodernismПостмодернизмот предизвикува голем број полемики, научни истражувања и анализи.  Во некои области како што е педагогијата постои колективна депресија од постмодернизмот. Како основни карактеристики на постмодернизмот можат да се издвојат:

  • верување дека сè е релативно и субјективно: искуството, моралот и културата;
  • прифаќање на светските процеси за остварување на идејата за глобално село со активна примена на децентрализација;
  • верување дека во светот доминираат мас медиуми кои се не оригинални, не сериозни и не одговорни, што предизвикува прифаќање на иронија и сатира како пригоден начин на изразување…

Постмодернистичкиот став е намерно отстапување од пристапите кои доминирале во минатото. Поимот постмодернизам произлегува од одбивањето на модерната научна психа што се развила за време на просветителството. Ако модернизмот се поврзува со идентитетот, единството, авторитетот и прецизноста, постмодернизмот се поврзува со разликата, разграничувањето, текстуалноста, скептицизмот.

Постмодернизмот претпоставува дека човекот може нормално да живее, да се развива и функционира одделен од вистината и љубовта, од семејството и врските, вредностите и слободата, чувствителноста и дисциплината и тоа дека секој човек има своја вистина и е добар судија за себе, дека сè може да се толерира, дека секој начин на постапување е добар, тоа што општеството донесува одлуки со демократски гласови е праведно и дека слободата е правење на тоа што во даден момент некој би сакал да го прави.

Со ваквиот вид апсурдни идеолошки принципи постмодернизмот се обидува да ги потчини сите науки за човекот, а особено антропологијата, психологијата, социологијата и педагогијата.

Постмодернизмот во ученикот ги развива неговата алчност, емоционалност и субјективните уверувања. Сите други сфери, а особено моралната, духовната, социјалната и аксиолошката сфера се третирани како нешто наметнато на ученикот однадвор и како пречка за неговата спонтана самореализација.

Денешните образовни системи стануваат антипедагошки и доведуваат до блокирање на развојот на ученикот. Покрај тоа, предизвикуваат општествената средина во која живеат децата и младите да стане антивоспитна. Средината се карактеризира агресивно со промовирани идеолошки пароли како што се: „Правете што сакате“, „Живејте опуштено“, „Бранете ги правата на децата“ (не велејќи им ништо за обврските!), „Не им наметнувајте на учениците дисциплински норми“, „Зачувајте го неутралниот поглед на светот“…

Кога се појавуваат драматични последици од ваквиот вид однесување, постмодернизмот ги „решава“ проблемите создадени сами од себе, повикувајќи се на слоганите за демократски права, за толеранција, за малата штета од конкретниот чин или пак на чувствителноста на ситуацијата на сторителот (не на жртвата!).

Постмодерниот метод се спротивставува на градење хиерархија, на рамка, на апстракција и други методолошки гнезда од кои треба да се погледне од висината, од дистанца кон деталите.

Паул Фајербенд (Paul Fajerabend) во таа прилика ќе рече „Сите методи имаат своја граница, а единственото правило, кое останува, гласи – a nything goes (сѐ оди, сѐ поминува).

Но, уште порадикално одат претставниците на постмодернизмот Жан Лиотар (Jean – Fransois Lyotard) силно напаѓајќи го „проектот на модерната“, односно, обидот преку просветителството да се дојде до општествено корисен човек, за кој сметаат дека е одамна пропаднат. Во суштина, овие автори ја застапуваат тезата дека науката не е прилагодена да ја опфати стварноста, теориски таа не може да се разликува од бајките, митовите и фантазиите. Од друга страна, моделите од истокот (СССР, ДДР, СФРЈ), засновани на марксизмот и ленинизмот немаа шанси да преживеат заради многу фактори.