Од антиката до денес, во теоријата на војувањето, постои правило за војсководците – треба да се почитуваат квалитетите кои ги има непријателот, иако длабоко го мразите. Многу одамна луѓето разбрале дека вредностите во човекот мора да се почитуваат. Чувството на почит не е однос кон другиот човек како кон целина, туку кон некои негови издвоени квалитети. Во таа смисла, почитувањето е парцијален однос кон другото битие, за разлика од љубовта, која е однос спрема тоталитетот на другото битие. Токму и поради тоа човекот треба да почитува некои квалитети на личноста која тој можеби и не ја сака, ја презира или дури и мрази.
Почитувањето е чувство кон одредена личност за која се верува дека има такви квалитети кои вие високо ги почитувате. Самопочитување е кога личноста чувствува кон самата себе дека има такви квалитети кои тој самиот високо ги почитува.
Според тоа, почитуван е оној човек кој некој го чувствува како важен, како личност која треба да се зема сериозно в предвид. Но, во што е суштината на почитувањето?
Почитувањето, и како однос и како емоција, е знак на позитивен, пријателски однос. Спротивно на почитувањето се различни чувства кои се продукт на дехуманизација кон другиот човек, кон другата држава, преку презир, омраза, завист и сл.
Синтагмата „човечко достоинство“ се повикува на таква ментална слика во која две личности, два човека, две држави, стојат еден до друг на „иста висина“, на исто ниво, и при тоа никој од нив не се чувствува навреден. На тоа укажува зборот достоинство (да стоиш до). Со тоа се нагласува дека ниту еден од нив не е ниту под ниту над, тука дека се на исто ниво. Оттука, се тврди дека човечноста е безусловна.
Иако се смета дека стравопочитувањето е вид почитување, тоа не е точно. Стравопочитувањето е вид страв и не е облик на почитување. Личноста едноставно се плаши дека личноста која е објект на стравопочит, бидејќи е помоќна од него, ќе го казни или уништи доколку кон неа не се однесува како да ја почитува. Во таа смисла, стравопочитувањето подразбира понижувачко однесување.
Почитувањето на младите генерации кон постарите е многу важно бидејќи претпоставува дека младите генерации ги усвојуваат, прифаќаат вредностите на постарите. Кога младите ги почитуваат постарите, тоа значи дека во нив гледаат отелотворување на своите вредности. Тоа прави постарите да се пример, оние во кои се гледа дека се, барем во одреден аспект, оној кој сакаме да бидеме. Заради тоа почитувањето е претпоставка за идентификација.
Еден од сериозните проблеми е отсуството на почит кој прави да го идеализираме светот надвор. Имаме ли (само)почит и желба да го почитуваме своето!? Сериозна, здрава и одговорна држава го развива чувството на почит. Секој се лаже кој мисли дека со плукање по својот сограѓанин, својот народ ќе му се допадне некому. Тоа само може да придонесe да се зацврстат стереотипите за него и за нас како народ.
„Покорноста е од страв, послушноста е од љубов“
Користена литература:
Emocije, Psihoterapija i ruzemevanje emocije. Dr Zoran Milivijevic. PSIHOPOLIS INSTITUT. 2008