Во расправата на темата за улогата на мајчиниот и службениот јазик во образовниот систем, секогаш се заземаат две гледишта: законско и образовно (педагошко). Тоа влегува во правата за образование и културен идентитет.
Моделот кој ќе се избере треба да зависи од традицијата на земјата, социјално-економскиот контекст, претходното искуство и транспарентните одлуки.
Одборот за образование, наука и култура му доставил на Европскиот парламент неколку препораки за регионалните и малцинските јазици во образовните системи (Расправа од Парламентот на Европа, 10 април 2006г., (9 седница) (ДОК:10837). Извештај од Одборот за образование, наука и култура).
Во делови од извештајот се споменуваат неколку препораки:
- Пожелно е, колку што може повеќе младите европјани да се поттикнуваат да го учат својот мајчин јазик кога тоа не е службениот јазик на нивната земја.
- ДОЛЖНОСТ НА СЕКОЈ МЛАД ЕВРОПЈАНИН Е ДА ГО НАУЧИ СЛУЖБЕНИОТ ЈАЗИК НА ЗЕМЈАТА ЧИЈ Е ГРАЃАНИН.
- Во општествата во Европа секојдневната употреба на службениот јазик е основен предуслов за интеграција на децата чиј главен јазик се разликува од службениот јазик на земјата.
Дали во нашето општество образовните политики за правото на учење на мајчиниот и службениот јазик се сериозен фактор за дезинтеграција на младите луѓе?

Еве зошто мислам дека со некои образовни политики се руши концептот на вистинската интеграција на граѓаните на Македонија.
- Концептот на наставните планови на деветгодишното основно образование за учење на македонскиот јазик (службен јазик во РМ) учениците од другите заедници започнуваат да го слушаат за прв пат во 4-то одделение со 2 часа неделно.
По истиот концепт е создаден и наставниот план за гимназиско образование, учење на само 2 часа неделно македонски јазик.
Сега се поставува клучното прашање:
- Дали е тоа доволно за солидно изразување и пишување на службениот јазик?
За да се одбере соодветна образовна политика, политичарите мораат да ги проценат добрите и лошите страни на различните образовни модели.
Јасно е дека треба да се тргне од правото секоја етничка заедница да учи и да го зборува сопствениот јазик, но, од друга страна, потполно е јасно дека за државата многу попрагматично решение е доколку сите жители добро го знаат службениот јазик.
Државата во која ќе има два службени јазика е компликација и тоа е хендикепирана држава. Тоа е компликација за професионалноста на администрацијата, ги отежнува образовните и културните процеси, и ги дезинтегрира младите луѓе.
Доброто познавање на македонскиот јазик е должност на секој граѓанин во оваа земја и не треба да се толкува како доминација и не ги исклучува другите етнички заедници во Македонија. И како што вели една од препораките на ЕУ – секојдневната употреба на службениот јазик е основен предуслов за интеграција на децата чиј мајчин јазик се разликува од службениот јазик на земјата.