Ернесто Рафаел Гевара де ла Серна (1928-1967) или доволно е само Че. Аргентинец со кубанска душа, кој го потрошил својот живот за светот да го направи подобар, поубав и поправеден. Со своите убедувања заминал и во смртта. Магазинот „Time“ го прогласил за една од 20-те најголеми и највлијателни луѓе. Прочуената фотографија на Че Гевара, била прогласена за најпозната фотографија во светот и симбол на дваесеттиот век од страна на академијата за уметности во Мериленд.
„Доброволна работа и добра волја“, фраза за која сметал дека треба да биде модел на кој ќе се заснова индивидуалното единство и единството на масата.
Пауло Фреире (1921-1997) е бразилски педагог и еден од најзначајните теоретичари во воспитанието и образованието. Неговиот исклучителен придонес е во тоа што објаснува дека образованието не се темели на делување на една личност на останатите, туку на меѓусебна соработка и одговорност.
Свест за praxis (пракса), педагогија на слободна творечка дејност. Педагошка активност која се темели на вредностите кои имаат цел унапредување на општеството и градење на социјалниот капитал.
Че и Пауло имаат ист став за суштината на образованието и културата – „слободата не се состои во тоа да ги ослободиш луѓето од окови, туку колективно да ги подготвиш самите да се ослободат“.
Книгата на Питер Мекларен „Че Гевара, Пауло Фреире и педагогија на револуцијата“ е обид за одбрана од деструктивната идеологија во која светот го турка во пропаст. На кој начин да се браниш од тоталитарните тенденции завиени во обландата на демократските процеси, на кој начин да се менува глобалниот поредок на неправдата и да се трасира патот на општественото заздравување?
Критичката педагогија е критика на конвенционалната педагогија за да започне и конечно да погледне дали нејзините претпоставки и тврдења се соодветни, дали е ова вистинското образование, дали не е време да сфати и да се спротивстави, и евентуално да ја надмине оваа капиталистичка експанзионистичка динамика.
Критичката (револуционерна) педагогија се обидува да се спротивстави на овој неолиберален свет во кој т.н. слободен пазар го растура јавниот сектор, приватизира инфраструктури, ги одредува социјалните потреби, го загадува воздухот, ги претвора водата и воздухот во профит, ги менува клучните педагошки пинципи, ги троши и претвора просветнита работници во профитна и потрошна сила, ги подготвува младите за одржување и служење на овој квази систем.
Мекларен, всушност смета дека овие два брилијантни примери Че Гевара и Пауло Фреире, можат да им помогнат на образовните работници ширум целиот свет дека градинките, училиштата, факултетите, во кои работат можат да ги претворат во средишта на општествената правда и револуционерна пракса. Училиштето е родното место на новиот подобар свет на нашето општество. Училиштето треба да се изгради во „место за живот на младите“. Во тој контекст ако само информацијата помине во знаење, а знаењето во спознавање и делување, може да се трансформира животот.
Вистинската реформа не е поглед кон иднината, туку поглед кон себе.