АКО РАСИЗМОТ СЕ УЧИ, ТОГАШ ЗОШТО ДЕТЕТО КОЕ Е ВОСПИТУВАНО ВО НЕРАСИСТИЧКА СРЕДИНА СПОНТАНО ПОКАЖУВА ПРЕДРАСУДИ ЗАСНОВАНИ НА РАСАТА?

Примамливо и умно е да се верува дека денес во 21 век децата растат и се воспитуваат знаејќи како да се разбираат и да живеат со луѓето од другите раси. Но, бројните истражувања сугерираат дека ова е повеќе во доменот на фантазијата отколку на фактите.

Секој од нас сака неговите деца да имаат социјални вештини за интеграција во овој свет полн со разлики и различности. Никој не сака да биде исплашен или да се плаши постојано од разликите. Прашањето е дали ние со свртување внимание на прашањето за разликите ја подобруваме или загрозуваме оваа ситуација кај децата?

Победата на претседателот Обама е пресвртница и нова ера во расните односи во САД – но тоа не го разреши прашањето поврзано со темата – што е тоа што треба да им го зборуваме на децата за расните разлики.

Истражувањата во 2007 г., објавено во Journal of Marriage and Family открива дека од 17 000 фамилии кои имаат деца во градинка, 45% изјавиле дека никогаш или скоро никогаш не разговарале со своите деца за расните прашања. И тоа важело за сите националности. Родителите кои не се белци, во просек три пати почесто разговарале за расни прашања отколку родителите белци; 75% од родителите белци никогаш не разговарале.

Со децении се претпоставува дека децата ќе ги увидат расните разлики само кога општеството ќе ги отвори тие теми. Тој пристап го застапуваше голем дел од научната заедница – мислењето беше дека прашањето за припадноста на човековата раса е општествено прашање кое е најдобро да им се остави на социолозите и демографите со него да се занимаваат. Меѓутоа, истражувачите на детскиот развој се повеќе почнуваат да ја преиспитуваат оваа претпоставка. Тие тврдат дека децата ги гледаат расните разлики толку јасно како што ги забележуваат разликите  меѓу розовата и сината боја – но ние им велиме на децата дека „розевото“ е за девојчињата, а „синото“ за момчињата. „Белото“ и „црното“ се прашања кои им ги оставаме на нив самите да ги решат.

discriminationКога децата еднаш ќе препознаат разлика потребно им е многу малку да ги развијат групните предрасуди. Еден експеримент се водел во три предучилишни заедници, каде  на четиригодишни и петгодишни деца им биле поделени маици со кратки ракави. На половина од децата им се дадени сини маици, а на другата половина црвени. Децата ги носеле маиците три недели. Во текот на тоа време, учителите ниту еднаш не ги споменале нивните бои и ниту еднаш не ги групирале децата по боите на маиците. Учителите ниту еднаш не ги нарекле „сини“ или „црвени“. Но истражувачот сакал да види што ќе се случи природно кај децата тогаш кога се воспоставени групите според бојата.

Децата не се поделиле по своето однесување. Тие во текот на одморот слободно си играле меѓу себе. Но кога ги прашале на кој тим му припаѓаш, или кој тим би победил во трката, тогаш тие ја избирале сопствената боја. Повеќе им се допаѓале децата во групата со истата боја и верувале дека се попаметни од другата група и боја. „Црвените никогаш не покажале омраза спрема „сините“. Тие повеќе давале коментари од типот: „Сините се во ред, но не така како нас“. Кога „црвените“ ги прашале колку има добри меѓу нив, тие одговориле: „Сите НИЕ“. А кога ги прашале колку има добри меѓу сините, тие одговориле: „Само некои“. Некои меѓу „сините“  се подли, а некои се приглупи – но не и „црвените“.

Овој експеримент покажал дека децата ќе направат поделба што и да им дадете – што всушност само навидум го потврдува прашањето за расите дека постои проблем само ако ние го создадеме проблемот. Овој истражувач мисли дека  е многу важно да се разговара со децата за човековите раси, од најрана возраст, веќе од третата година. Зошто?

Нејзиниот аргумент е дека децата во развојната смисла се склони кон фаворизирање на групи; тие самите формираат предрасуди. Децата на рана возраст категоризираат сè, од храна, играчки, па до луѓе. Меѓутоа, потребни се години за нивните когнитивни способности да им дозволат успешно да користат повеќе од еден атрибут за да категоризираат. Во меѓувреме, атрибутот на кој се потпираат е оној кој е најочигледен.

На детето му се допаѓа најмногу онаа личност која ја идентификува како најслична на себе. А потоа тоа го шири заедничкиот поглед многу повеќе – верувајќи дека се друго што му се допаѓа, и се допаѓа и на оние кои се слични на него. И сè што на детето не му се допаѓа и припаѓа на оние кои најмалку наликуваат на него. Оваа спонтана тенденција која претпоставува дека сите членови на групите на кои се припаѓа имаат исти карактеристики – како што се добрината или умот – се нарекува есенцијализам. Децата никогаш не мислат дека групите се случајни.

Ние можеме да мислиме дека создаваме средина за децата кои се слепи за боја, но разликите во бојата на кожата или косата или во тежината се како разликите во полот – тие се силно видливи. Не мораме да им дадеме име за да бидат посебно истакнати. Дури и ако учителите и родителите не споменуваат никакви разлики, децата самите ќе ја користат бојата на кожата, на истиот начин на кој ги користат и боите на маиците кои им биле дадени.

Од 2000 година, многу развојни психолози започнале голем број лонгитудинални истражувања со цел прецизно да ги одредат детските предрасуди во текот на развојот – каде е клучната (генерална) премиса – колку предрасудата порано се манифестира, толку е поверојатно таа да е предизвикана од развојните процеси (новороденчињата започнуваат да ги забележуваат визуелно очигледните аспекти на расните разлики некаде помеѓу третиот и шестиот месец, Kelly et al., 2007).

Пример од истражувањето: на бебиња им се покажува фотографија со лица, се мери колку долго детето го задржува вниманието на фотографијата. Долгото гледање во фотографијата не значи склоност кон таа фотографија, или кон тоа лице. Значењето е спротивно, подолгото гледање значи дека детскиот мозок мисли дека тоа лице не е вообичаено за него; бебињата долго гледаат бидејќи нивниот мозок се обидува да сфати. Оттука, лицата кои им се познати, всушност, добиваат помалку визуелно внимание. Самата раса нема етничко значење самата по себе – но детскиот мозок ги забележува разликите во бојата на кожата и се обидува да го разбери нивното значење.

Кога децата наполниле три години, истражувачот им покажал фотографии од други деца и ги прашале да изберат кого би посакувале за пријател. 86% од белите деца ги избрале децата од својата раса. Кога децата имале 5 и 6 години, истражувачот им дал шпил карти во кои имало цртежи на луѓе. Истражувачот им рекол на децата да ги сортираат картите во две групи на кој било начин. Само 16% од децата користеле други фактори, како што се возраст или расположението на нацртаните луѓе. Но, 68% од децата ја користеле расата да ги поделат картите, без било какво поттикнување.

Научниците сметаат дека предучилишниот период е клучен развоен период кога детските мозоци ги формираат своите први заклучоци за расните разлики.  Истражувачите откриле дека занималните или паралелките со мешани групи на деца од различни раси има одлично влијание на децата во 1 одделение, децата си играле заедно на одморите и избирале другар за игра од друга раса на своја иницијатива. Но, ваквиот концепт немало влијание кај децата во трето одделение, бидејќи се смета дека развојниот прозорец веќе е затворен.

Ако расизмот се учи, тогаш зошто детето кое е воспитувано во нерасистичка средина спонтано покажува предрасуди засновани на расата?

Др. Биглер (Bigler) од Универзитетот во Тексас вели: „Посетувањето на интегрирани училишта ви дава исто толку шанси да се научите на стереотипите колку и да ги отфрлите“. Таа уште додава дека родителите треба да знаат дека посетувањето на училишта во кои е застапена структура на ученици од повеќе раси, не е гаранција дека децата (утре возрасните) ќе имаат подобар однос кон другата раса од децата кои посетуваат хомогени училишта.

Др. Валтер Стефан (Stephan), почесен професор на Државниот универзитет во Ново Мексико и еден од најистакнатите научници во ова поле, открил дека после првата година десегрегацијата во училиштата предизвикала кај 16% од белците позитивен однос кон Афро-Американците, во 36% немало значителна разлика, а во 48% од училиштата, односот на белите ученици кон црните ученици станал уште полош.

Др. Џејмс Муди (Moody) експерт за теми – како адолесцентите формираат и одржуваат општествени мрежи – ги анализирал податоците од преку 90 000 тинејџери во 112 различни училишта. Учениците требале да ги именуваат своите 5 најдобри другари и своите 5 најдобри другарки. Муди открил дека колку училиштето е поразноврсно, толку повеќе децата се одвојуваат по раса и потекло во рамките на училиштето, па така се намалува веројатноста различни раси да склопуваат пријателство.

Од друга страна, воннаставните активности кои детето ги посетува заедно со дете од друга раса, ја зголемуваат можноста тие да станат пријатели.

Шансите еден белец во средно училиште во САД да го има својот најдобар другар од некоја друга раса е некаде околу 8%. Шансите се минимално повеќе за вториот по ред најдобар другар, или третиот, или петтиот. Ниту за црнците шансите не се поголеми: 85% од најдобрите другари се исто така црнци. Пријателите од различни раси имаат тенденција да споделуваат една активност, а не повеќе активности; како резултат на тоа, ваквите другарства со текот на времето ќе згаснат, при преминот на децата од основно во средно училиште.

Замолчувањето на децата кога ќе кажат нешто што не би требало е инстиктивен рефлекс, но често и погрешен потег на возрасните. Детскиот мозок е склон кон генерализации и тој не може а да не се обиде да генерализира правила од примерот кој го гледа. Најголема срамота е кога на детето ќе му излета: „Не можеш да играш кошарка бидејќи си бел, така да, ќе мораш да играш бејзбол“. Но, нивното замолчување само покажува дека за овие теми не се зборува.

Малите деца прават заклучоци поради кои на нивните родители им е непријатно, иако виделе неколку контра примери. Децата не се пасивни примачи на знаење, напротив, тие се активни градители на сопственото сфаќање. Децата дури и го искривуваат своето сеќавање за одредени факти за да се вклопат во категоријата која веќе ја формирале во својата глава. Потребата на мозокот категориите совршено да се вклопат е уште посилна на седум отколку на пет години, така да ученикот од второ одделение може многу повеќе да ги искривува фактите за да ги одбрани своите категории отколку детето во градинка. Тоа на родителот може да му изгледа дека неговото дете разноликиот свет го сфаќа полошо наместо подобро.

Исто така, еден друг заклучок е многу интересен: колку повеќе една култура ја нагласува индивидуалноста, толку повеќе децата во средно образование бараат да се групираат. Во САД се стимулира индивидуализмот, во Јапонија се вреднува општествената хармонија повеќе од индивидуализмот и децата не се воспитуваат да ги афирмираат личните склоности.

Резултатите од истражувањето посочуваат дека разговорите за расите треба да бидат експлицитни за да бидат ефикасни, и тоа користејќи термини кои децата непогрешливо ќе ги разберат. Една мајка постојано му зборувала на својот петгодишен син: „Треба да имаш на ум дека сите сме еднакви“. Таа мислела дека нејзината порака е јасна. На крајот, после седум месеци, нејзиниот син ја прашал: „Мама, што значи „еднакви“?“

Едно големо истражување покажало дека наставните планови по мултикултура во училиштата имаат далеку помало влијание од она што се очекувало. Најголемата причина е што имплицитната порака „Сите сме пријатели“ е премногу неодредена за да сфатат децата дека се однесува на бојата на кожата.

Po Bronson and Ashley Merryman “See Baby Discriminate” in Newsweek, Sept. 14, 2009 (p. 52-60),

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: