Во 1983 г., Националната комисија за квалитет на образованието на САД до претседателот Роналд Реган доставува извештај со наслов „Нација во опасност“ (“A Nation at Risk”). Во извештајот се истакнува дека: постојниот образовен систем е неприлагоден на општеството за работа и производства со високи технологии; дека наставните планови и програми се слаби и дифузни; дека има премалку академски и технолошки содржини; премалку странски јазици и математика; лоша е оспособеноста на наставниците итн.
Извештајот потврдува дека нашите училишта не успеаја, воспитно-образовниот систем е еродиран, владее просечноста која се заканува на нашата иднина како нација. Во извештајот стои и следната реченица: „Доколку некоја земја се обиде да ни наметне ваква просечност како што постои денес и ваков систем на образование, тоа би требало да го сметаме како да ни објавиле војна“.
„Без енергично национално водство за подобрување на образованието, државните и локалните училишни системи едноставно не можат да ги надминат пречките за да ги направат големите промени неопходни за значително подобрување на училиштата“.
Затоа целта е да се постигне „квалитетно образование за сите, за да се одржи чекор со меѓународниот пазар на труд, а доброто образование е и основа за слободно и демократско општество“.
Џон Дјуи смета дека образованието не е подредено на ниедна друга цел, освен на самото себе. Целта на образованието не е само да се создадат родители, или граѓани, или работници, или, пак, да се престигнат Русите или Јапонците, туку во крајна линија, да се формираат човечки суштества кои ќе го живеат животот во потполност, кои постојано ќе го збогатуваат квалитетот и значењето на сопственото искуство, и кои заедно со другите луѓе активно ќе учествуваат во градењето на едно добро општество…
Факт е дека македонското образование има проблем со самото себе, со поимањето за себе и патиштата на својата афирмација и самоактуелизација. Но кризата не е последица само на состојбите во образованието, проблемите не се создаваат од внатре иако има многу за што да се разговара. Науката не е и не може да биде причина за кризата. Причина е политиката и нејзиниот пристап кон образованието.
А, „политиката сака постојано да ечи, да биде гласна и широко присутна, видлива во крупен план, во сите формати и на сите канали. Упорно бара да биде третирана како да е вечноста сама… има намера да ги укине и минатото и иднината и да устоличи некое свое ново постојано сегашно време. Гледајте ме и чудете се, овде и сега“. (Горан Стефановски)