Според тестирањето ПИСА, кое опфати 540.000 ученици од 72 земји, македонските ученици или нашиот образовен систем е на 68 место. Односно, зад нас се само Косово, Алжир и Доминиканската Република.
Резултатите на ПИСА тестот покажаа дека најголем процент од учениците од нашата држава се со оцена 1. Дури 62,9 % од учениците од нашата држава во подрачјето науки се под или на ниво 1, а во математика и во читање тој процент е и повисок (околу 70 %). ОЕЦД-просекот во сите три подрачја е многу помал, односно е околу 20 %. Нивоата 5 и 6 од нашата држава во подрачјето наука и во подрачјето читање ги достигнале само по 0,2 % од учениците, а во подрачјето математика 0,9 %. ОЕЦД-просекот е многу повисок, односно за наука е 7,7 %, за читање 8,3 %, а за математика 10,7 % “. (Бројот на учениците во редовните средни училишта, изнесува 71 458). (Значи 144 ученика го решиле тестот)
„Учебници нема. Добар дел од професорите во средните стручни училишта ќе продолжат да им диктираат на учениците оти немаат учебници по предметот што го предаваат“.
„Анализата на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, потврдија дека досегашните реформи не го трансформирале, не го подобриле образовниот систем доволно за да им помогне на најголемиот број ученици да ги достигнат основните знаења“.
И, сега тоа не е нешто кое не го знаеме, бидејќи сите многу добро знаеме дека никој не е задоволен од воспитно-образовниот систем, ниту наставниците се задоволни, ниту родителите, ниту општеството а најголемиот проблем е што системот создава генерации кои не можат да се снајдат во животот. Оттука, политиката во овие 20 години нема визија за воспитно-образовниот систем. За жал не им пречи секојдневното потонување во импровизации, волунтаризам и провинцијализам.
Еден од најзначајните проекти кој имал за цел да развие модел за образованието во 21 век е проектот на ОЕЦД „Образование за иднината“ (Schooling for tomorrow, www.oecd.org/home). Експертите започнале програма која има за цел градење на рамка и алатки за алтернативно и стратешко размислување за иднината на образованието, како и развивање на потенцијалните и посакувани сценарија за образованието.
Кои се клучните забелешки:
- Културата на образовните институции многу повеќе е насочена на гледање во минатото наместо на осмислување и планирање на иднината.
- Епитетите кои најчесто се врзуваат за институционалното образование се дека е застарено, круто, бирократизирано, формализирано, ригидно, неинвентивно, досадно и неприлагодено.
- Новините во образованието очигледно не ги донесуваат посакуваните образовни промени. Моќта не се наоѓа во алатот. Моќта се наоѓа во промената на образовната парадигма.
- Постојат многу можни правци за промени, но тие ќе се движат од уште потешка институционализација и бирократизација до целосна трансформација на образовните институции во центри на општеството.
- Еден од начините на промислување на образовните парадигми се во погледот и фокусот во иднината. Наједноставната дефиниција за тоа што е образование ќе се дефинира како подготовка за живот во иднината.
- Иднината се менува со акција наместо со критизерство.
- Најголемиот страв на оние кои веруваат во образованието е стравот од дешколаризација на општеството, од крахот на образованието, и од претераната технологизација на образованието.
- Ние немаме визионерско мислење во образованието, а тоа е заради инерцијата или влијанието на формираните навики и обрасци на однесување, дел во неможноста на менување на поединечниот дел на системот.
- Доколку современото образование не успее доволно брзо да се прилагоди, родителите со полно право ќе го напуштат образованието и ќе се свртат на други, алтернативни форми.
- (Open Еducation Мovement) Движење за слободно образование, развиени програми, бесплатно и доброволно учење.
- Од образование кои го толерира неуспехот кон образование кое ќе гарантира успешност на сите.
- Од институции одвоени од заедницата до институции длабоко интегрирани во животот на заедницата.
Сценарио 1: Училиштето како бирократски систем. Тоа е состојба на одржување “status quo“. Предвидува јакнење на положбата на училиштата, тие ќе бидат моќни, бирократски системи, отпорни на промени. Дефинирани одвоени субсистеми, хиерархиска структура. Таквиот систем не реагира или малку реагира на надворешна средина и се однесува во склад со сопствените правила и процедури. Тоа се институции за себе, независни од општествените текови и промени.
Сценарио 2: Училиштето според концептот на пазарот на труд. Овој тип на училиште е се повеќе популарен и општествено прифатлив, тој носи иновативност и динамичност, но и нерамноправност и маргинализација.
Сценарио 3: Училиштата како основни центри на општеството. Е едно од најпосакуваните сценарија. Училишта без ѕидови, отворени за соработка со локалната заедница, со која ги делат задачите и одговорноста. Особено се нагласува неформалното и информалното учење на колективните задачи и интергенерациската соработка. Висок квалитет на јавна поддршка ќе генерира квалитет, учителите во овој модел имаат големо почитување и голема доверба.
Сценарио 4: „Училиштата како мрежи за учење“. Формирање мрежи засновани на различни култури, религиски интереси и интереси на заедницата. Центри во кои се укинува сегрегацијата во општествата. Овој модел го најавува крајот на образовниот систем како институција за формално образование.
Сценарио 5: Крај на училиштето и крах на образовните системи. Ова ќе започне во оној момент кога системот ќе иницира проблеми и криза во наставничката професија, недостаток на квалитетен кадар, наставници незадоволни од условите за работа и се поголем одлив на наставниците во други атрактивни дејности.
Дефинитивно нашиот проблем не лежи во непрепознавањето на иднината. Проблемот е во конзервативната култура во која денес живееме, која се тешко одлучува на суштинско менување на својот систем. Промената во образованието, не како реформа на нешто постојано, туку како револуција и реконцептуализација на образованието. Дали тоа не плаши? Да. Меѓутоа, доколку не сме подготвени да тврдиме дека образованието какво што е денес, е добро, мораме да веруваме дека постојат подобри решенија, иако се над нашите моментални сознанија и можности.
„ИЛИ ДА РАБОТИМЕ ИЛИ ДА СЕ РАСПУШТИМЕ“
„ИДНИНАТЕ СЕ МЕНУВА СО АКЦИЈА НЕ СО КРИТИЗЕРСТВО“