Роден во периодот на најголемата збунетост (552 г. пред нашата ера), во кој древната моќ и слава на Кина преминуваат во феудален раскол, неслога и судири. Ученикот кога го прашал дали на злото треба да се врати со добро, Учителот одговорил: „А со што тогаш ќе возвратиш на љубезноста? На доброто возврати со добро, а на злото со правда.“
Не верувал дека сите луѓе се еднакви, сметал дека интелигенцијата не е универзален дар. Најголемата среќа на народите би била во тоа да не му се дозволи на незнаењето и незналците пристап во јавните служби, како и да владеат најмудрите.
Граѓаните на големиот град Чунг Цуа, верувајќи на неговите зборови, го прогласиле за судија. „Во однесувањето на луѓето дошло до неверојатни подобрувања…. злосторствата престанале…..непочитувањето и распуштеноста исчезнувале…
Неговите следбеници ја сфатиле неговата големина и вредност и му предвиделе безвременско влијание кое ќе го има во формирањето на пристојноста, хармонијата и спокојството на Кинезите. „Учениците го закопале со големи почести. Многу од нив подигнале колиби во близина на неговиот гроб и останале таму скоро три години, тагувајќи по него.“
Учителот кој ја покренува обновата и редот и здравиот пристап кон животот во својата земја.
Но, на кој начин?
Да му дозволиме тоа самиот да го каже:
„Славните луѓе од дамнина, кога сакале да ги разјаснат нештата и да проникнат во највозвишените доблести на светот, најпрвин би ја уредиле својата држава. Пред да воведат ред во државата, ги средиле своите односи во семејството и го негувале сопственото јас. Пред да почнат да го негуваат сопственото јас, ја усовршиле својата душа. Пред да ја усовршат својата душа, се обидувале да бидат искрени во мислите и до крајни граници го проширувале своето знаење. Таквото истражување на знаењето го наоѓале во реалното гледање на работите онакви какви што навистина биле. Само така знаењето им станало целосно. Кога знаењето им станало целосно, мислите им станале искрени. Кога мислите им станале искрени, душите им се усовршиле. Кога душите им се усовршиле, сопственото јас им се развило. Кога сопственото јас им се развило, односите во семејството им станале складни, државите прифатиле правилен поредок. Кога државите прифатиле правилен поредок, така целиот свет стана спокоен и среќен.“