На 28 мај во големата сала на Македонската филхармонија д-р Сашко Кедев приреди настан кој ретко се гледа и доживува во Македонија, „На врвот на светот и потоа“ 10 години од искачувањето на Монт Еверест.

Сашко Кедев се врати и го сподели своето искуство за највисокиот врв на светот, за Мајката на небото и за покривот од храмот што земјата му го посветила на небото, како што го нарекува локалното население.

Зборуваше за нештата кои што ја разубавуваат душата на човекот, за смелоста, за трпението, за упорноста, за дисциплината, за чувството за ритам и за мерка, за коренот и стеблото, за љубовта, за татковината, за децата, за вертикалата во секој човек.

Што е тоа што го мотивира еден хирург целосно да се посвети на спасувањето на животот на пациентот?

Што е тоа што го мотивира планинарот? Иако доживуваат напор, далеку од семејството, мрзнење на телото, разреден воздух и слични неугодности, тие се цврсто решени во својата одлука да одат напред.

Што е тоа што уметникот го движи во создавањето на делото? Или спортистот во големите победи и порази?

Истата работа – мотивацијата. Сите нив и сите кои се со љубов кон професијата ги движи искрената, внатрешната, чиста мотивација – доживување кое протекува низ организмот додека човекот е во акција.

Сашко Кедев ја внесе највисоката планина на светот во секој од нас кој живее во Македонија. Покажа дека врвот е највисоката точка во душата, на која се станува подобар, поцеловит, облагороден, а до која може да се стаса само со сопствено самоизвишување.