ПРИМЕРОТ НА ПЧЕЛИТЕ И СВЕТЛОСТА НА РАЗУМОТ – СМИСЛАТА НА ЗАЕДНИЦАТА

Разликата меѓу заедницата на пчелите и заедницата на човекот е во односот на бројот на работници и волјата да се направи добро.“

Ретко се среќава таква дисциплина и организираност, таква храброст и одбрана на кошницата (татковината), заради опстанок на заедницата. Сто и педесет милиони години на истиот начин, со истиот труд, упорно и постојано. Без грешка. Од генерација на генерација! Инсект подготвен да учи и научи како се прави мед од постарите.  Пчелата секогаш излезот го бара кон светлото, никогаш кон мракот. Умира барајќи ја светлината како единствен излез. Мувите пак, после кратко време, му вртат грб на светлото и излезот го бараат на темната страна. Пчелите бараат светло. Мувите бараат спас. Пчелите се хранат со нектарот на цвеќето, медот! Мувите се лепат на нешто друго!

Номинацијата на „Медена Земја“ за два оскари не израдува сите, филм за Атиџе и нејзиниот однос кон заедницата на природата. Пораката на филмот е последната опомена да го сфатиме  односот на човекот кон градењето на заедницата и смислата на заедницата, толку умно и со светлоста на разумот- Атиџе, покажана во филмот, преку двата различни начини на однос кон пчелите.

А, што е заедницата, што е државата и што е кошницата на Атиџе?

Зборот „заедница“ доаѓа од за-едно, луѓе собрани околу заеднички вредности, потреби, интереси, проблеми, развивајќи чувство на припадност и идентификација со другите заради задоволување на личните и заедничките потреби. И тоа е возможно само доколку постои меѓусебна доверба и почит. Доколку има систем и правила на однесување. Заедницата стагнира кога нема импулси и енергија од индивидуите. Енергијата умира кај индивидуите кога заедницата не е емпатична и сучувствителна.

Платон многу одамна напиша дека праведна е онаа држава која им овозможува на своите граѓани да го работат и прават она кое најдобро го знаат и што по својата природа им е најблиску. И, тогаш се граѓаните среќни, тоа е целта на државата. Правдата и праведноста во државата се мера на мудроста, знаењето, храброста, умереноста и другите доблести. Тоа е здравјето на духот на една заедница.

Малите успешни земји одамна сфатија дека клучниот ресурс се луѓето, и дека знаењето и образованието се патот на длабоките преобразби насочени кон стимулирање и задржување на младите и на нивните неисцрпни можности за нов начин на мислење, делување и решавање на проблемите што ги наметнува новото време, новата цивилизација предизвикана од новите технологии.

Образованието е клучната тема за да ја сфатиме смислата на заедницата. Тоа е единствениот ресурс со кој можеме нешто да направиме за тоа какви сакаме да бидеме. Богати или сиромашни!? Повеќе граѓани или повеќе поданици!? Тоа е местото од каде треба да почнеме да учиме од почеток – што е државата? Што е заедницата? Зошто е важна кошницата на пчелите? И, како најдобрите, најумните и највредните да ги сочуваме или вратиме во земјата. Бидејќи, успехот и неуспехот, подемот и падот – личен и национален – и на домашна и на меѓународна сцена, се одредени од квалитетот на човекот и институциите, пред се од нивните знаења и умеења, рационално и ефикасно да ги решаваат тековните работи но и правовремено да ја предвидуваат иднината.

Нашата најголема задача е промена на овој самоубиствен стил на живот, на овој начин на дијалог и работа кој не спречува и враќа постојано назад. Ние конечно мора да се тргнеме од овие маки и тој голем камен во нас, мораме да се воздигнеме и да почнеме да градиме држава и едно нормално функционално општество, заедница на граѓани кои ќе имаат доверба и почит едни кон други и кои ќе знаат што сакаат да бидат.

Пчелите се најсилниот доказ дека смислата на една заедница не е втемелена на преживување на најмоќните, најбогатите,  најсилните. Темелите на еволуцијата се соработка, споделување, прилагодување!