Господине Претседателе,
Господине Ректоре,
Госпоѓи и господа,

Ми причинува искрено задоволство да говорам во овој стар и угледен универзитет, кој со години беше средишна точка на литванското образование и духовен центар на долготрајното настојување на Вашата нација да го култивира својот идентитет и да го изрази во независна државност што служи како чувар на сите добри литвански традиции. Универзитетот во Вилнус беше традиционален посредник на сознајните врски меѓу литванската и чешката култура, зацврстувајќи ги и добрите односи меѓу нашите два народа.

Vaclav 1Пропаста на комунизмот, падот на Железната завеса, распаѓањето на Советскиот сојуз и крајот на двополната поделба на светот, сите тие настани се од епохално значење, предизвикаа кај нашите два народа слични искуства: се соочивме со еднозначни политички задачи.

Претходните околности во нашиот дел од светот би можеле добро да се споредат со превез од густа, непробојна и тешка магла што виси над сиот наш живот. Сега станува видливо дека оние кои никогаш не го испробале тој превез малку знаат за она што било скриено во таа магла и зад неа.

Наеднаш, со неверојатна брзина, маглата за која мислевме дека е нешто крајно непроменливо – се растури. Наеднаш видовме еден прекрасно обоен пејзаж што дотогаш остануваше невиден. Наеднаш видовме множество и разнообразност на различни народи што дотогаш живееле под облакот на униформноста на црвените ѕвезди и секретаријати на комунистичката партија, наеднаш можевме да ги забележиме различностите и афинитетите меѓу нашите култури, сложеноста на нашата историја како и големината на штетата што тоталитарните режими му ја нанеле на народот што го раководеле.

Се наложи итна потреба да се изгради цел нов свет, а тоа, на некој начин се покажа потешко од старото опстојување во магла. Стана јасно дека ќе биде исклучително тешко да се најдат ефикасни лекови.

TIBET-_CECA_-_Dalai_Lama_e_HavelЧесто слушаме дека ниту Запад ниту Исток не беа подготвени за падот на комунизмот… Наспроти дезинтеграцијата на бивша Југославија, Запад беше целосно во загуба, покажувајќи се неспособен да ги разбере дури и нејзините причини: повторно како и порано тој се најде не подготвен  за она што таму доцна се случи, останувајќи за долго време само не моќен набљудувач.

Бидејќи сега сум во земја што мораше да се бори почесто од многу други за признавањето на својот национален идентитет и културна автономија, првиот од предизвиците на нашето време со кој сакам да се позанимавам овде е односот меѓу националната самосвест и т.н. граѓански принцип.

Идентитетот на човекот што денес живее во демократско општество се темели врз многу различни типови средини од кои што тој потекнува и врз многубројните врски што го поврзуваат опкружувањето. Себеси се гледаме како дел од нашето семејство, заедница или регион, од некое духовно или социјално опкружување во кое сме се родиле или избрале.

Можеме да бидеме приврзани на група луѓе, чии убедувања се слични на нашите, како што е политичката партија или црквата, имаме чувство на припадност на некоја професија или смисла на солидарност со нашите колеги на работа. Меѓу сите врски што го сочинуваат нашиот идентитет, приврзаноста на нашата нација, со сите нејзини традиции, култура и јазик на кој мисли, видливо игра улога од големо значење. Денес проблемот е да се најде нова рамнотежа меѓу сите тие врски. Ова е првиот голем предизвик поставен пред нас.

rolingСтанува јасно дека има опасности некоја од тие врски да се подигне на повисоко ниво од останатите и да се сфати како основа на сѐ друго. Кога тоа се случува, припадноста на некоја група започнува да се третира како да е поважна и од самата личност на човекот, што наводно автоматски не чини поарни од другите и што ни дава право да се определиме наспроти другите, односно да ги третираме другите како помалку вредни.

Веќе знаеме какви ужаси се случуваат кога социјалните или класни врски, а евентуално и идеолошките и политичките на тој начин ќе се постават над сето останато: резултатот беше во концептот на диктатурата на пролетаријатот и пошироко во диктатурата на партијата или поарно – на партиското водство. Подигнувањето на нечија националност над сѐ друго е исто толку опасно – токму овде ги наоѓаме почетоците на национализмот и на сите конфликти и свирепости предизвикани од неговите екстремни форми.

Постои ми се чини, само еден принцип кој може да создаде соодветни услови за урамнотежено изразување на човековиот идентитет во сите негови аспекти и димензии – граѓанскиот принцип, онаков каков што постепено се развил во демократскиот свет, насочен кон граѓанското општество.

Меѓутоа, тоа е можно само во опкружување што вклучува определен збир на универзално обврзани правила на коегзистенција, а тоа е – во правна држава, заснована врз почитување на човековите права во сета нивна разнообразност, јасно дефинирани, што се неопходни за да се спречат злоупотребите што ги газат правата на другите.

Не е доволно овој концепт да се сведе на законите. Тој мора да се потпре на заедничка волја да се почитуваат законите, волја што израснува од граѓанска култура, втемелена во универзално прифатениот морален поредок. Верувам оти појаснив дека не гледам противречност меѓу нашето припаѓање на нашата нација и нејзиниот идентитет од една страна и граѓанскиот принцип од друга.

Изградбата на автентично граѓанско општество со штотуку опишаните белези ми се чини уште потешко. Тоа е нешто токму како сопственото само-разбирање на човештвото во овој свет, што вклучува обнова на вредностите какви што се смислата за граѓанска одговорност и граѓанска гордост, почит кон другите и кон поредокот на коегзистенција.

Всушност, изградбата на граѓанското општество значи обнова по природен пат на човековата и општествена свест – процес што првиот чехословачки претседател Т.Г. Масарик, го нарече „револуција во главите и во срцата“. Да се постигне ова, секако, е многу потешко отколку, на пример, да се изведе приватизацијата.

Поради тоа, дури и пазарната економија сама не може да функционира правилно ако и недостасуваат јасни и општо почитувани правила. Нацртите на економистите и правниците, самите не се доволни да обезбедат дека усвоените правила навистина ќе се признаваат. Целото почитување на тие правила може да се негува само со долготрајно и систематско култивирање на општествената клима во која тоа успева. А, тоа пак изискува многу работа во полето на мислата…

 

Извор: Димитар Мирчев, (1998). Политичките говори на современието – избор. Мисла, А.Д. – Скопје.