Поимот воспитание доаѓа од старословенскиот збор „воспитати“, што значи да се нахраниш“.  Поимот образование, доаѓа од старословенскиот збор “образ“, кој за своја аналогија го има образот Божји“! (Венко Андоновски)

Она сме со што се храниме“  тезата на Фоербах

Што е темелот на целата држава? Воспитувањето на младината.“ (Диоген)

Вештина над вештините е да се воспита човекот, најпревртливото суштество“. (Гргур Назијански)

Од воспитанието зависи не само судбината на поединецот, туку и судбината на државата, судбината на општеството“.    (Бјелински)                                                           

Што се случува со воспитувањето денес? 

Животот на поединецот се формира во семејството, или во некоја друга заедница која го заменува семејството, но исто така и во општеството, државата.

Многу одамна е кажано дека постојат две најтешки професии на светот – 1. Да водиш држава и 2. Да воспитуваш дете. И колку тоа Ние сериозно сме го сфатиле, нема поголем доказ од нашата држава.

Член 40  од уставот на Македонија.Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството  и вон брачната заедница се уредуваат со закон. Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители. Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без  родители и децата без родителска грижа“.

Во последните 20 г., се подигна свеста за детството. Два периоди во животот се најсериозни, рано детство и тинејџерство.

Силна теза која доаѓа од социо-културолошките фактори и влегува во социолошкиот детерминизам-која мене ми е најблиска – според ова сфаќање голем дел на предизвици, проблеми, нервози и неурози во семејството се последица на пореметените општествени односи, и ние сме како беспомошни објекти во општеството (Владета Јеротиќ).

И сега се поставува клучното прашање: Како двајца млади луѓе денес да се усогласат во нивните емоционални потреби, духовно да се пронајдат, економски да се заштитат и осигурат, да обезбедат за себе место во општеството задоволувајќи ги и своите нагонски потреби за важност и значење, како да се прилагодат на општествениот поредок и тоа на не конформистичен начин, и да одгледаат потомство кое нема да биде невротично туку нормално човечко битие кое самото ќе ја бара својата среќа и благосостојба на другите. Тоа денес не е лесно, особено во земји и средини со долга нестабилност. Семејната ситуација на модерниот човек е многу сложена.

Што е целта на родителството?

Целта на секое добро родителство е да му помогне на детето да израсне во самостојна, одговорна и социјализирана личност. Тоа е најдобрата дефиниција или објаснување. Нашата цел како родители е да ги подготвиме децата за самостоен живот. Тоа е нашата далечна цел. Тоа е главен критериум за добро воспитување. Нека погледне во целта на иднината и нека го види како возрасна личност, како добар човек која сам си ја гради својата среќа и помага за  благосостојбата на општеството (Зоран Миливојевиќ).

Јас верувам дека преку воспитувањето ние треба да им пренесеме на децата модел/мустра како да им биде добро во животот. Децата тоа го бараат од нас. Ако тие видат дека ние ја имаме таа мустра, ќе посакаат да ја „земат“ од нас. Ако ја немаме, децата ќе ја побараат кај некој друг, или ќе ја бараат сами.

„Младите луѓе не треба да се застрашуваат тогаш кога веќе ќе бидат пораснати; тие треба да се воспитуваат и насочуваат уште од детството. На тој начин ни подоцна нема да има потреба од закани. Ако си го воспитал добро својот син, а тој својот, а тој, пак својот, тоа е како некаква нишка од правилни животи кои започнале и се вкоренети во тебе и ти ги пренесуваат плодовите од твојата грижа за потомство“ (Св. Јован Златоуст).