ЗОШТО ЗАМИНУВААТ НАЈДОБРИТЕ? – ПИСМО ДО МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИТИЧАР

Зошто сѐ ова ни се случува? Дали општеството се базира и ја почитува слободата и креативноста на поединецот да создава вредности?

Општеството е континуитет на повеќе продуктивни генерации кои создаваат и не растураат, кои градат а не грабат, кои мислат за иднината на сите во државата, но пред сѐ на младите. Продуктивноста на повеќе доследни генерации ги создале општествата и државите по кои нашите млади, но за жал и сѐ повеќе возрасни копнеат да работат и живеат. Всушност тоа е копнеж по ред, дисциплина и почитување на реално сработеното.

Комунизмот имал многу маани, но имал и една голема доблест, а тоа е што верувал и знаел дека образованието е многу важно и дека исклучително важна е способноста на човекот, затоа и креирале систем на сестрано развиена личност (има во тоа голема смисла и значење). Наспрема тоа, нашата транзиција и нашите партии се продукција и производство на нѐ компетенција и на незнаење, на страст по незнаење. Затоа и многу инвестиции и многу проекти се скандал до скандал.

Политиката во самостојна Македонија не го почитува знаењето. Образовните политики никогаш не изградиле култ кон воспитанието и образованието како најважен ресурс, како клучна потреба за создавање на функционално и просперитетно општество. Во држава во која образованието е целосно потценето, јавно и тајно маргинализирано, девалвирано и понижено, ништо не треба да не изненадува. Со тоа е понижен и секој млад човек кој гледа некаков просперитет во својата држава.

Во кого треба да верува еден млад човек во Македонија,  кога е оставен на притисоците на 2-3 партии, целосно осамен и дезориентиран, кога гледа и доживува дека оној кој „добро трчал“ и кој  е лојален во партијата има поголем просперитет и надеж од оној кој треба да студира и предава математика?

Зошто да се образува еден млад човек и да копнее да остане во оваа средина?

Зошто да имаат развој во кариерата?

Зошто државата го плаќа образованието, кога најдобрите не се вработуваат на најважните места?

Замислете го спортскиот тим кој не сака да ги постави најдобрите да играат на натпревар. Туку, ги избира по некоја друга способност, (на пример по тоа што играат добро карти со тренерот). Замислете кога некој цело време сака да има убаво фарбано возило ама никако не инвестира во преносниот систем. Тоа возило ќе застане, ќе мора да застане еден ден.

Младите сфаќаат дека вредноста овде не се почитува и тоа веќе предолго. Дека овде има систем за истерување на знаењето и протерување на креативните и способните. Дека индивидуализмот се казнува и тоа уште во семејството, средината, работното место, општеството, па ако сакате и кај Вас во врвот на партијата. Затоа и не смееш да кажеш дека нешто не чини. „Не оди многу напред, не заостанувај последен, не прави гужва во средината. Но, знајте дека, така не се живее, тоа не е живот“  (Горан Стефановски).

Се прашуваме ли кои се последиците од ваквиот однос на политиката кон знаењето: така се создаваат поданици а не граѓани; така се создава систем на мрзеливи, разгалени и послушни генерации; без работни навики; со слаби образовни постигнувања; со уништена надеж на секој чесен и добронамерен човек; со немање чувство за припадност и заедништво; тоа е систем на лажни елити, на автодеструкција, на осамени, отуѓени и дезориентирани млади луѓе кои идеализираат сè што е туѓо (излез по секоја цена од државата без чувство дека напуштаат своја земја).

Ова е резултатот и последиците од таа македонска политика која го потчини образованието. Тоа се примерите кои ги бара и препознава македонската политика. Таа не бара луѓе со став, кои пристапуваат критички и кои преиспитуваат, туку верници политички, таа бара добро офарбани возила а не мотори кои влечат напред.

Затоа, знајте дека одговорноста е најмногу кај Вас и вашиот однос кон знаењето. Ослободете се од она кое ја кочи оваа држава, подржете ги и пронајдете ги оние луѓе кои имаат визија и кои знаат дека клучот е во знаењето, преку кое треба да се развиваат навиките на умот, на сомнежот и критиката,  на мислењето, на гласот на младиот човек. Бидејќи без глас и сомнеж значи да бидеш без чувство и желба дека нешто можеш да промениш.

Конечно треба сите да разбереме во оваа држава дека сме сами во овој свет, и дека самите сме најмногу одговорни за ова што ни се случува.

Бегањето и дистаницирањето од политиката на луѓето кои нешто знаат и умеат е механизам на одбрана, да останат достоинствени.

Оние кои заминуваат, знаат, дека во ова лудило има систем.