This image has an empty alt attribute; its file name is d088d0bed0bdd187d0b5-d088..jpg

(Јонче Јосифовски е роден на 20.1.1920 г., во Дебар. Учителска школа завршува во Јагодина; дипломира филозофија како прв студент на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е еден од авторите на првиот македонски Буквар, на првите учебници по логика и филозофија. Доајен на современата македонска филозофија).

Сите ние го употребуваме зборот школа во најразлични сложенки, изведенки, па и со различна смисла и значење.  Кога ќе го изговориш овој збор веќе ти искрснува сликата на установа во која овластени лица според определен план и програми вршат воспитно образовни „услуги“ за кои се професионално оспособени. И колку да си звучи убаво кога зборуваме за школуван човек, школуван кадар, за некој што одел на школа, кој завршил ваква или онаква школа итн., зборот школа нѐ потсетува и на некое не толку пријатно искуство на стега, дресура, формализам, затвореност, отворено насилство.

Во современото сфаќање на овој збор – изразено од оние на највисоката скалица на образовната хиерархија, професорите по педагогија на универзитетите, до обичните луѓе – е зацврстено само едно значење, овој збор добил само една димензија, па со тоа е осакатен, сведен на една димензија, па со тоа денатуриран, умртвен, лишен од својата суштина, од своите многуобразни созначења, од неговата човечка природа, од длабоката смисла.

Затоа, за да ја сфатиме современата положба на школата воопшто и нејзината хуманистичка улога, посебно, треба да се прашаме, како што е тоа, впрочем, редно да се направи секогаш кога се зема некој збор сериозно, за изворното значење на зборот школа.

Што значи зборот школа изворно, од каде тој ни дошол и како се здобил со она што тој сега значи? И сега доаѓам пред свеста на сите и ги прашувам нашите учители, професори, ученици, родители итн. луѓе, повеќе или помалку, снабдени со дипломи за завршени одделенија, класови, школи, се запрашале ли тие, што значи зборот школа изворно, од каде тој ни дошол и како се здобил со она што тој сега значи? Случајното и несистематско анкетирање ми покажа дека, речиси, нема човек кај нас што да одговори на ова толку едноставно и логичко прашање. Испаѓа дека никој за него никогаш не се ни запрашал.

Зборот се зема како етикета, се нашол при рака и се залепил на она што се вика „школа“. Се расудува според онаа народна поговорка, нека се роди детето и лесно е за името! Се искомбинирале буквите „ш“, „к“, „о“, „л“ и „а“, добивме „школа“, па можеме да го испишеме искомбинираниот ред од лево надесно од букви на таквата и таква установа и – зајакот е фатен! Дури и не се почудуваме, како Гогољевиот Петрушка, како од букви станал збор!.

Меѓутоа, одговорот на прашањето за изворното значење и за потеклото на зборот школа не е така едноставен. Тој ќе нѐ одведе во далечното минато на древна Грција и ќе нѐ натера да се запознаеме со старогрчкиот јазик, ќе треба да земеме некој речник, макар и само да го најдеме изворното scolh. Бидејќи немаме речник старогрчки-македонски, да се загледаме во Грчко-хрватскиот речник на Горски и Мајнариќ (Загреб, Школска књига, 1960), па да видиме што значи scolh. Таму пишува: „scolh“ 1) „мир, доколица, починак, одмор, слободно вријеме… 2) посао за доколице, наука, предавања, забаве филозофа па онда мјесто за њих, школа, слушачи, 3) спорост, полагано, тешко, муком, једва“.

И сега е јасно дека првобитното, изворното, основното значење на зборот школа е – мир, починка, слободно време, а уште позначајно е она што во речников се означува со зборот „доколица“, а за кој своевремено јас (Јонче Јосифовски) предложив македонски збор „невртка“, кој не беше примен (впрочен неговата неадекватност и за мене е очигледна, но јас барем се обидов да се стори нешто, па да се најде израз на македонски поим што денес има превосходно цивилизациско значење).

Кога ќе му се каже на некој школуван човек ова, тој ќе се почуди и не ќе може веднаш да ја најде врската на нашата школа со грчкото scolh. Но, кога ќе се прочита во Аристотеловата Политика дека, имено, scolh, школа, „доколица“, слободното време е услов за појава на културата: науката, филозофијата, уметноста, на пројавувањето на човекот како zoon politikon, или што кај Аристотел е рамнозначно, на човекот во вистинска смисла на зборот, суштество кое е автономно, самоуправно, цел на себеси, а не средство за цели што ги поставуваат други (робот, е по дефиниција, инструмент што зборува, хетерономно, несамоуправно суштество!)- тогаш ќе се види дека врската е воспоставена уште на почетокот.

Слободниот човек е ослободен од принудата да се занимава со тешка физичка работа, со работа како средство за борба да се опстане во овој живот, од втонатоста во непосредно производство од каков и да е вид: земјоделие, занаетчиство, трговија итн., стопанисување  кое еднострано е исцрпувачко, особено во времето на Аристотел, ги терало луѓето да се исцрпуваат, па со тоа ја губат својата автентичност, можност сестрано да се развиваат, да можат да пристапат со лесно, непринудено, слободно кон други области и можности за постоење, кон поинакви занимања и настојувања.

Не можеш да бидеш човек во вистинската смисла на овој збор ако се Fashidiot (Маркс), роб на специјалноста, занимањето, печалењето, правењето пари, ако немаш свое време, ако не си, српски или хрватски речено, dokon, слободен да правиш што сакаш, ако не си опуштен, оставен на мира, па да си размислиш убаво: што да правам сега?

И тука, каде што завршува Аристотел, почнува нашиот фундаментален проблем. Зашто за нас е проблем со што да се занимаваат луѓето слободни од работните обврски и задолженија. За Аристотел, тоа била најголема благодат (како, впрочем, и за секој нормален човек!). Во слободното време, во невртка човекот во вистинска смисла се зафаќа со “posao za dokolice“, како што убаво се вели кај приведениот речник. Обрнете внимание на зборот „posao“, работа, но не работа како раб-ота, рабско занимање, туку како дејност достојна за човека, непринудена слободна, но не лесна, зашто „посао“, а не само денгубење, пуштање пат на страстите, туку напротив нивно зауздување, или, подобро речено, со Фројд, нивно сублимирање, преточување во нешто повеќе, позначајно, подостојно за човека и за неговиот живот и за животот на неговите блиски и пријатели, сонародници и сл.

Основното за Аристотел е во тоа да ги искористиме слободното време за сестран развиток како на телото така и на духот, па да станеме најдобри. Отаде ќе отидеме да вежбаме, да се занимаваме со гимнастика, со спорт, со атлетика итн. Но, не е ни тоа сѐ, „посао за доколицу“, par excellence, не е ни голото физичко вежбање. Од него, или преку него и со негова помош треба да се издегнеме до занимањето со наука, со филозофија, со уметност, со политичка дејност, која никогаш, во Аристотелова смисла, не е дејност за пари, професионална дејност, туку поле на натпревар, на игра на способности што добиваат јавно признание или покуда, натпревар на слободни луѓе и потврда од слободни луѓе на овие способности, без кои тие не значат ништо.

Значи, схоле е начин на исполнување на слободното време по мера на човекот и достојно за него. Но, тоа е начин за отворање на човекот на врвните сфери на опстојувањето, за човекувањето во и преку науката, филозофијата, уметноста, физичкиот и умствениот натпревар, кој ќе доведе до нив и бескрајно многукратно ќе го збогати неговиот живот, неговата содржина, радостите што тој ги дава, ги создава, ги умножува.

Но, за да имаш пристап кон гимнастиката, филозофијата, науката, уметноста, политиката треба да се разбираш од нив, треба да ги познаваш, треба да појдеш кај оние што располагаат со нив, да отидеш на такво место каде што филозофите ја вршат својата дејност, каде што предаваат, дискутираат, спорат, водат дијалог…

Дури, патем, оваа бегла анализа на зборот scolhe, неговата сила се покажува во сета големина, во сиот сјај и длабока човечка смисла. Ако школата ја сфатиме како слободно време, како начин и содржина на неговото исполнување по човечка мера, како место на кое треба да се отвори пристап кон еден навистина човечки свет на културата, филозофијата, науката, уметноста, кон образованоста, тогаш блиску е до умот, и пристапот кон школата, нејзината содржина, организирање, структурирање и преструктурирање, реформирање, поврзување со „практиката“, со „производството“ итн., да се поинакви и дури тогаш многу од настојувањата што кај нас се нарекуваат реформи, или што знам како, ќе ни се покажат како настојување да се направи дрвено железо.

Убаво е да се враќаме кон изворот на зборот, кон онаа жива и животодајна струја што покажува дека логосот е јатка и она најцентралното околу кое се ткае цело едно богатство, цела сокровишница од мудрост и човечност, а не етикета, не черупка празна и ѕвонлива, лишена од каква-годе содржина.

(Јонче Јосифовски, Филозофски текстови, Аз-буки, Скопје 2004)