Деновиве по втор пат ја слушав емисијата на Македонското радио „Тука околу нас“ на г-ѓа Наташа Андрееска, Одговорен уредник на Прв програмски сервис на Македонско радио – Радио Скопје, емисија која долги години пренесува вредности за добрината, убавината и мудроста. Во емисијата гостин брилијантниот Ристо Кавај, доктор по маркетинг кој за жал не е повеќе меѓу нас. Но, неговите оригинални, мудри, убави и за мене педагошки пораки ги пренесувам подолу.

„Вие мора да имате во ова време невреме, луѓе, да се пронајдат такви ентитети човечки кои ќе ја свртат за 180 степени патеката кон која сме тргнале. Знаете зошто? Оваа патека не е патека на создавање, ова е патека на имитација на животот. Животот се состои во оној миг кога нема да дозволиме да исчезне животот од реките, кога нема да дозволиме да исчезне мирисот од полското цвеќе и кога нема да дозволиме да исчезне милоста од луѓето“….
„Ние сме длабоко несреќни според Фром, затоа што во исто време ни е вклучен и разумот и инстинктот. И постојано сме во конфликтна состојба. Таа конфликтна состојба во овој миг плафонира во исклучивост. Исклучивоста се парите….
Во што е проблемот денес?

„Денеска е проблемот што сите посакуваат сѐ, без да направат и најмал напор на патеката на добрината, на патеката на љубовта, на патеката на создавањето. Примерот на Микеланџело, кога го насликал таванот на Систинската капела, „Страшниот суд“…… Во еден миг, работејќи две години, отишол во крчмата и нарачал вино. Домаќинот му дал од виното и Микеланџело рекол: „Домаќине, виното ти е кисело“. Домаќинот пробал, исплукал, истурил, отишол, го зел чеканот, го откачил чепот од бурето, и како течело виното од бурето, рекол: „Ако е кисело, нека истече!“ Во тој миг Микеланџело, отишол и на двегодишниот свој труд, не задоволен од направеното, го зел глетото, ги зел боите, и сѐ истурил и сѐ упропастил. А после една година, Божја промисла, ја направил вечноста на Систинската капела. Денес секој може да појде и да види што значи создавање. …..за жал, кај нас нема некој да го земи чеканот, да удри и да рече, „Ако е кисело, нека истече“.
За младата генерација и родителите
„Младата генерација е дезориентирана, кај нејзе нема директни цели. Таму каде што не е дефинирана целта сите патишта се добри…
Проблемот е длабоко несреќна генерација која не знае што сака. А, ние не знаеме како да излеземе од овој миг на вечноста. Тешкиот проблем е следниот: родителите се лакот, децата се стрелата. Првиот проблем на лакот е каде е насочен, кон кого? Кон кои цели? Што сака? Таму каде што не се дефинирани целите сите патишта се добри. И патот до пеколот е поплочен со најдобри желби…
Нашиот најтежок проблем во овој миг е што ние го држиме лакот а не ја пуштаме стрелата. Не ги пуштаме децата да зачекорат таму каде што ние нема да дојдеме. Тоа е иднината. Треба да ги пуштиме со правила на игра. Прво и основно: има и дење и ноќе да работиш, да создаваш, да учиш, немој ти да очекуваш дека на улица ќе го пресретнеш Господ и ќе преминеш цареви и кралеви, со вакви коли и со такви коли. Не постои на сметката на шејтанот, на ѓаволот, не платена сметка. Денеска или утре, таа мора да се плати. Секое дружење со него мора да биде наплатено“”..
За природата и животните
Сега ќе биде пролет, во пролет сѐ се раѓа, Индијанците ги собувале мокасините од нозете, ги ваделе потковиците од коњите, за да не ја повредат земјата, бидејќи таа е бремена, од неа излегуваат кокичиња…..ние заборавивме што е пролет, а сѐ си има свое време…
Во природата сите суштества, растителни и животински, работат секој за секого, работејќи за другиот работат за себе. Исклучиво човечкиот род, во овој миг работи само за себе, комуникацијата со природата е прекината. Како? Суетата, алчноста, се доминантните фигури во овој миг на човекот…
Мравката кога ќе открие куп со жито, зема една зрно го остава покрај патот и им кажува на сите свои мравки за патеката каде се наоѓа житото. Сите проаѓаат покрај нејзиното зрно кое стои покрај патот, никој не приоѓа до нејзиното зрно, туку секој оди да го земе сопственото зрно. А, кај нас која е патеката: само до моето зрно, кога ќе дојде до моето зрно, бидејќи му е напорно да оди да бара…
Бог ни создаде две раце. Во едната рака ни даде камен, во другата ни даде леб. За утре кога ќе фрлиме, тоа што ќе го фрлиме тоа да ни се врати. Но, да не го кривиме Бог, ако ни се врати каменот. Тој ни даде избор. Изборот е наш. Или светлина или темнина.
(преземено и преработено интервју од Македонското радио, емисија „Тука околу нас“, водител Наташа Адреевска).