Главното педагошко дело на Џон Лок „Мисли за воспитанието“ создадено во периодот од 1683-1689 г., е врвно класично дело за воспитанието. Џон Лок стана познат со тезата дека „нашите животи се обликувани главно од факторите и околностите на средината“.
Народната мудрост забележала: „пријателите си ги избираш самиот, а комшиите ти се дадени од Господ“, и уште нешто „пред да градиш куќа, треба да видиш кој ќе ти биде комшија“! Сѐ е во ред до тука. Арно ама, нашата куќа сме си ја направиле одамна, тука си живееме и зборуваме со векови. Тука е нашиот Дом, тука е нашето живеалиште и засолниште. Треба ли сега да ги менуваме и куќата и комшијата!? Се разбира, не!
Да растеш во најубавите години од животот со соседи кои не ти го признаваат името на твојата држава, јазикот, историјата, културата и црквата, и уште на тоа да имаш своја сопствена македонска политика која што ги онеспособи граѓаните за самостоен граѓански живот, која не изгради свест за интеграција, која го разви општеството со маалски караници од типот „предавник-патриот“, која својата одговорност и должност ја злоупотребија до највисоко можно ниво за да се реализираат целите само на одредени личности, бизниси и партии а не на државата и општеството.
Цели генерации на граѓани во Македонија се соочија со невозможноста да почнат да го живеат својот живот. Тие кои во 1990 г., бевме во тинејџерски години, и тие кои денес после триесет години се во истата фазa од својот најважен дел од животот се запрени во својот развој. И тогаш и денес, го крадат животот и супстанцата на секој млад човек.
Дали воопшто ЕУ која треба да почива на принципот на рамноправност, на идеалите на праведноста, еднаквоста и слободата, се прашува за потребите на младите луѓе од Македонија, за направените лузни и психолошки и социолошки, за запрената иднина на цели генерации, за тоа како им е на младите од Македонија, принудени да се воспитуваат и образуваат, формираат и развиваат во сенката на една толку страшна, и толку понижувачка реалност на духовна, културна, економска и политичка поделеност и пониженост.
Тоа е украден живот, и никако поинаку. ЕУ создаде и се уште создава многу тешка иднина за секој млад човек, прашања пред кои стои секој граѓанин во Македонија откако памети за себе? И, тогаш и денес, после триесет години, младите ја имаат истата перспектива пред нив. Запрени животи на млади генерации, доведени до чувство на осаменост и дезориентираност. Генерации кои не можат да го најдат своето место и својата улога во оваа држава бидејќи средината и околностите не го дозволуваат тоа. Еден глупав ритам на живот.
Дарвиновите постулати за тоа дека еволуцијата е втемелена на преживување на најмоќните и на натпревар се погрешни (и погрешно влијаеле на денешното однесување на човекот). Темелите на еволуцијата се соработка, почитување и прилагодување! На, младите не им останува ништо друго денес освен она кое требаше да го кажат и направат луѓето кои ја водат оваа држава од 1990 г., до денес, и кои што самите требаше да бидат пример. А, тоа е дека:
Нема вродено „надарени“, ниту вродено „глупави“, Вродено силни и вродено слаби, Дури ни вродено здрави и вродено болникави! Учи – и ќе го засениш и најумниот кој не учи; Вежбај – и ќе ја надминеш силата и на најјакиот што не вежба; Очеличи го своето здравје со правилно воден живот и Ќе направиш и најздравиот да ти завидува. (ЏОН ЛОК)