Доколку образованието го набљудуваме како еден голем експеримент на историјата, тогаш можеме да кажеме дека тој екперимент само што започнал. Од 7000 години човекова историја дури во последните 300 години се создадени училишта, а дури во 20 век имаме сеопфатно образование на планетата Земја. Занемарувајќи го овој факт, дури на крајот на 20 век забележавме дека нашите училишта не создаваат само добри вештини и знаења на децата, туку дека и развиваат стравови од учење, послушност, покорност, конформизам и други карактеристики.

Дури некои автори велат – ние се уште не знаеме што добивме од образованието кога се анализира целокупното човештво на планетата Земја. Но исто така денес човекот кој живее во 21 век слободно може да каже дека тој не би бил тоа што е ако на планетата Земја не би било образованието.

Во книгата „21 лекција за 21 век“, напишана од Јувал Ноа Харари израелски интелектуалец, професор по историја на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, објаснува актуелни теми чиј главен интерес е денешната состојба и блиската иднина на човекот. Што се случува во моментот? Кои се нашите најголеми предизвици и одлуки денес? Какво ќе биде образованието? Што треба да ги учиме нашите деца?

Индустриската револуција ни ја остави во наследство теоријата за образованието како производна лента. Една зграда, со многу идентични простории, секоја од нив наредени со клупи и столови. Кога ќе ѕвони ѕвончето, одите во една од тие простории заедно со триесетина други деца родени во истата година како вас. Секој час во просторијата влегува по некој возрасен и почнува да зборува. Еден ви кажува за обликот на земјата, друг за минатото, а трет за човечкото тело.

Овој концепт, животот на човекот го дели на два комплементарни дела: период на учење, по кој следува период на работа. Во првиот дел од животот се стекнувате со знаење, развивате вештини, создавате сопствен светоглед и градите стабилен идентитет. Во вториот дел од животот вие ги користите акумулираните вештини за да се водите низ животот, да заработувате и да придонесувате во општеството.

Во средината на 21 век, брзата динамика на промените и продолжениот животен век ќе доведат до застарување на овој традиционален модел. Чудното ќе станува нормално, многу искуства на човештвото нема повеќе да ви бидат сигурен водич во животот. Луѓето како поединци во се поголема мера ќе наидуваат на нешта со кои никој претходно не се соочил. Како треба да постапувате кога сте преплавени со енормни количества информации кои никако не можете да ги апсорбирате, ниту пак да ги анализирате? Како ќе биде да се живее во свет во кој длабоката несигурност не е никаков исклучок, туку карактеристика?

Во еден таков свет, последното нешто што еден наставник би требало да им го дава на учениците се уште повеќе информации. Нив веќе ги имаат во изобилство. Наместо тоа, луѓето треба да се оспособуваат за да можат да им го фатат крајот на информациите, да препознаат што е важно а што не, и пред сè, за да можат од парцијалните информации што ги добиваат да склопат една поширока слика за светот.

За да преживеете и да напредувате во еден таков свет ќе ви треба голема ментална флексибилност и големи резерви на емоционална урамнотеженост. За жал, многу потешко е да ги научите децата како да го прифаќаат непознатото и да ја одржуваат емоционалната урамнотеженост отколку да ги научите да решаваат деференцијални равенки и кои се причините за Првата светска војна. Издржливоста не може да се научи од книга или од предавања. И самите наставници обично ја немаат потребната ментална флексибилност што ја бара 21 век, затоа што и самите сме производ на стариот образовен систем.

Многу педагози сметаат дека училиштата треба да се посветат на четирите К: критичко размислување, комуникација, колаборација и креативност. Во поширока смисла, училиштата би требало помалку да се фокусираат на пренесување на технички вештини и да почнат повеќе да ги истакнуваат генералните животни вештини. Најважна од сите би била способноста за справување со промени, за учење нови работи и за одржување на менталната рамнотежа во нови ситуации. За да фатиме чекор со светот не само што ќе треба да измислуваме нови идеи и производи туку ќе треба, пред сè, секојпат одново да се измислуваме самите себе.

Во документот на УНИЦЕФ од 2000 г., „Развој на нациите“ е дадена една проекција на иднината. „Ќе дојде ден кога државите нема да ги почитуваме според нивната воена или економска моќ, ниту според светлината на нивните главни градови и големи згради, туку според благосостојбата на нивните народи; според нивото на кое е здравството, храната, образованието; според нивните шанси да добијат заслужени награди за својот труд; според можностите да учествуваат во носењето одлуки кои се однесуваат на нивниот живот; според почитувањето на кажаното за нивните граѓански и политички слободи; според помошта која ќе им ја даваат на оние кои се загрозени; и според нивото на заштита која ја обезбедува и осигурува физичкиот и психички развој на нивните деца“.