„Заедницата стагнира кога нема импулси и енергија од индивидуите. Енергијата умира кај индивидуите кога заедницата не е емпатична и сучувствителна“ (Вилијам Џејмс).
Без личности кои творат и создаваат, кои самостојно мислат, не може да се замисли повисок развој на општеството како и развој на личноста. Образованието е континуирана реконструкција на искуствата. Искуството е извор на знаењето. (Дјуи)
Најважниот и најстариот принцип во историјата на педагогијата е принципот на активност (на вежбање). Тоа е најстариот принцип на поучување. Овој принцип е запишан и во „Илијада“ и „Одисеја“ под името ‘melete to pan” (сè е вежбање). Педагошки принцип познат кај сите народи и во сите јазици. Римјаните го формулирале како “reepetitio est mater studiorum” (повторувањето е мајка на учењето), а германците како “übung macht Meister” (вежбањето го создава мајсторот). Но, можеби најдобро и најдлабоко го разбрале старите кинески педагози кога констатирале: „она што ќе го слушнам – бргу го заборавам, она што го гледам – го помнам, но она што сам ќе го направам- добро го знам“.
Поединецот изолиран од општеството не би можел да постои, па благодарејќи на тоа дека се раѓа и живее во општество, во текот на својот живот прима туѓи искуства и со нив се користи. Секојдневниот живот и пракса не учат како потребата од воспитание и образование е безусловна. Воспитанието ја развива и формира единката, па и го воведува човечкото суштество во општествениот живот. Значи, воспитанието има силна социјална категорија и функција. Но, за спроведување на таа функција потребни се одредени методи, т.е. патишта со помош на кои ќе се постигнат најпосакуваните цели во животот. Социјалната средина спроведува постојани влијанија на поединецот, и тие влијанија се и позитивни и негативни. Кај човечкото суштество под влијание на социјалната средина се јавуваат одредени знаења, вештини и навики кое делуваат на него и го менуваат.
Што треба да правам? – се прашува човекот за кого реалноста е поле на живот и делување, а Каков треба да бидам? – се прашува човекот за кого реалниот свет, е свет на вредности и обврски. Тоа се прашања за животот.
НЕДОСТАТОК НА ЧУВСТВО ЗА (САМО)ПОЧИТ
Од антиката до денес, во теоријата на војувањето, постои правило за војсководците – треба да се почитуваат квалитетите кои ги има непријателот, иако длабоко го мразите. Многу одамна луѓето разбрале дека вредностите во човекот мора да се почитуваат. Чувството на почит не е однос кон другиот човек како кон целина, туку кон неговите посебни квалитети.
Но, во што е суштината на почитувањето?
Почитувањето, и како однос и како емоција, е знак на позитивен, пријателски однос. Спротивно на почитувањето се различни чувства кои се продукт на дехуманизација кон другиот човек преку презир, омраза, завист и сл. Еден од сериозните проблеми кај нас е отсуството на почит. Обидете се да се присетите кога и дали се прифаќаат аргументите на другиот?
Имаме ли(само)почит и желба да го почитуваме своето!? Сериозна, здрава и одговорна држава го развива чувството на почит. Секој се лаже кој мисли дека со плукање по својот сограѓанин, својот народ ќе му се допадне некому. Тоа само може да придонеси да се зацврстат стереотипите за него и за нас како народ.
„Плукајте колку можете повеќе по вашиот противник! Нешто сигурно и ќе се залепи!“ (Волтер)
Многумина го практикуваат овој стил на водење дијалог кај нас, затоа на големо се плука по другиот човек, по другото семејство, по колегата, по другата партија…..
Меѓутоа, застапниците на ваквиот стил не знаат една суштинска работа, дека плунката, омразата, презирот, озборувањето, никогаш не биле аргументи, тоа не се факти и не се доказ против другиот. Тоа се само слабости и омрази (мрзи)на оние со таков стил! Цивилизираниот дијалог не е плукање, не е омраза, не е презир и прогон, туку утврдување на вистината и нејзино прифаќање. Разговараат возрасни еден или два часа и од разговорот излегуваат збогатени и едниот и другиот. Така и децата го учат концептот на дијалог во семејството, училиштето и општеството.
Но, човекот се однесува како што учел, според моделот на родителот и моделите во општеството. Затоа, работите не се така едноставни, бидејќи она што е научено во минатото се применува и во сегашноста. Се однесуваме како што (не)сме учеле.
Воспитната компонента на образованието вградена во нашиот образовен систем долги години го промовираше конформизмот како вредност, а на дипломата се гледаше како на средство за поудобен живот („Учи за да не мора во иднина напорно да работиш!“). Денес, на образованието, односно на учењето се гледа како на исклучително важен медиум за оспособување на граѓаните полесно да се прилагодат на потребите на современиот начин на живеење кои веќе не се статични како што биле порано, туку се многу динамични и зависни од пазарот на трудот. Ние пропуштивме при промената од едно уредување во друго, да го прилагодиме воспитниот аспект на новите потреби. Наместо тоа, дозволивме воспитната компонента скоро да се исклучи од образованието, со што беше оневозможено образованието систематски да влијае врз развојот на систем на вредности, соодветен на современите потреби.
Нашата најголема задача е промена на овој самоубиствен стил на живот, на овој начин на дијалог и расправа, на оваа ментална матрица. Нам ни треба пресвртница на системот. Ни треба одговорност, дијалог, соработка, вистина. Ни требаат луѓе од збор и луѓе со фатка.
Колку и да сакаме да кажеме дека тоа зависи од сите нас (што е и точно), колку и да одекнува силно славната изјава „Никогаш не прашувај што државата може да направи за тебе, туку прашај се што ти направи за државата“, сепак најголемата одговорност е во политиката, бидејќи таа во сите овие децении, со своето однесување или не однесување влијаеше на сè до денес. Затоа сите отсвирени и не отсвирени дела започнуваат со првиот знак на диригентот на оркестарот. Со контролата на ритамот и сите можни ефекти и паузи. Тој се грижи за оркестарот да стреми кон совршенството и разбирање на делото. А понатаму и од секој инструментален виртуоз кој ќе ја воодушеви публиката со својата маестралност, фантастичниот дух и брилијантна импровизација.