Ова што ќе го прочитате подолу е научен труд на професорот Ѓорѓи Делчев со наслов „Воспитанието и образованието во Пиринскиот дел на Македонија“, презентиран на Симпозиумот одржан во Кичево и Струга од 13-15 октомври 1983 година, на тема „Четириесет години слободен развој на воспитанието и образованието во Македонија (1943-1983)“.

ДЕЛЧЕВ, Ѓорѓи Димитров (с. Давидово, Гевгелиско, 24. 1. 1927 ) – педагог, универзитетски професор. Завршил Учителска школа и Филозофски факултет во Скопје (1952). Докторирал на Универзитетот во Бордо, Франција (1974). Во 1948 г. бил учител во с. Долен, Неврокопско. Работел како професор во Учителската школа, а од 1966 г. како асистент и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што ја изведувал наставата по методиките на одделенска настава.

Идејата на моето споделување денес е да се види од очите, рацете и умот на македонските учители и педагози, кој е патот на градењето добрососедтво.

„Најзначајната улога во приодот и разрешувањето на македонското национално прашање дадоа самите протагонисти на новата ера на југословенско-бугарските односи – Јосип Броз Тито и Георги Димитров. Георги Димитров често истакнуваше дека политиката на братство со народите на Југославија е „вистинска национална бугарска политика“. Инспириран од своите длабоки интернационалистички убедувања и националните интереси на Бугарија, тој посебно нагласуваше „дека сме должни да сториме сѐ што е потребно Македонија еднаш засекогаш да престане да биде јаболко на раздорот на Балканот, да стане алка на обединување меѓу Нова Бугарија и Нова Југославија“. И натаму: „Нè поделба на Македонија, нè борба за нејзино освојување, туку почитување на волјата на македонскиот народ, чиј основен дел се здоби со своја национална слобода и национална рамноправност на ФНРЈ“. (Георги Димитров: Избрани дела, Москва 1957, стр.131-132).

  • БРП(к) смета за потребно дека во периодот до присоединување на Пиринскиот крај кон НР Македонија треба систематски да се работи на културното зближување на македонското население од овој крај со НРМ, да се популаризираат во неговата средина дејноста и успесите на НРМ, македонскиот јазик и литература, да се запознае со историјата на македонскиот народ…и воопшто да се преземат цела низа други мерки на линијата на културна автономија…
  • Весникот Пиринско дело треба да има главно македонски карактер итн.

На Бледските разговори, водени во текот на 30, 31 јули и 1 август 1947 г., меѓу делегациите на ФНРЈ на чело со Тито и делегацијата на владата на НРБ, на чело со Георги Димитров, двете делегации проникнати со дух на полно меѓусебно разбирање и братска соработка водат разговори за сите политички, стопански и други прашања од интерес за двете земји, како и за мерките што ќе ги преземат во најблиската иднина. Особено е нагласена потребата до најголеми можности да се развива културната соработка меѓу народите. Со овој договор, се поставени основите на една нова ера во односите помеѓу народите. Со восхит се зборуваше дека за првпат македонскиот народ ги оствари големите идеи на Гоце Делчев и другите македонски патриоти, а што е уште позначајно, во овие документи се полагаше надеж како на документи од трајна вредност.

Барањето во Пиринска Македонија да се испратат поголем број културни и просветни работници, НР Македонија го задоволи на начин што во учебната 1947/48 г., во поголемите населени места отвори македонски книжарници со свои книжари, во Горна Џумаја (денешен Благоевград) македонски театар и испрати артисти, а кон крајот на 1947 г., поголема група македонски учители со задача во прогимназиите и гимназиите да изведуваат настава по предметите македонски јазик и македонска национална историја, како и да вршат и друга културно-просветна и општествено-политичка активност, односно да започнат со реализацијата на културно-националната автономија во Пиринска Македонија.

Укажувајќи на значењето на овој историски чекор на ЦК на БРП(к), на можноста на македонското население од Пиринска Македонија за првпат во својата историја да учи на својот роден, мајчин јазик, тие меѓу другото нѐ нарекуваа „народни кандилца“, „потомци на Климент Охридски“, „следбеници на Гоце и Јане“ итн. Пишувајќи за овие настани и Митко Илиевски во својата публикација Сведоци ќе запише: „средбите со населението од Пиринска Македонија насекаде беше проследено со видливи манифестации на радост, прегратки, солзи радосници, со буќети цвеќе, говори за добредојде, блех музика, народни песни и ора итн“. (Митко Илиев: „Сведоци“, Скопје 1979, стр.9)

Во писмата на Обласниот училиштен инспекторат од месец февруари 1948 г., меѓу другото се вели:

  • Да се развие широка мрежа на допишување со НР Македонија. Слики на народни херои, изгледи на градови и села, слики од изградба на НРМ, слики на раководители….
  • Да се формираат хорови кои ќе подготвуваат песни на македонски јазик, фолклорни групи, драмски секции кои ќе даваат претстави на македонски јазик….
  • Библиотеките да се снабдат со литература на македонски јазик,
  • …..

Поттикнати од писмата и условите кои ни беа создадени, нашите учители со невиден елан ја прифатија работата. Мотивите за ваквиот однос беа засилени како од воодушевениот однос на населението кон нас, така и од пројавениот голем интерес на учениците кон предметите што ги предававме. Постигнатите наставни резултати, пак, предизвикаа чудење и воодушевување кај бугарските наставници, кои во многу наврати не прашуваа како тоа успеавме да го постигнеме и изразува желба да присуствуваат на часовите по македонски јазик и македонска национална историја. Пишувајќи за овие успеси на нашите учители и Митко Илиев во споменатата публикација ќе запише: „Ваквото брзо совладување на македонскиот литературен јазик и на македонската национална историја од страна на учениците од Пиринска Македонија се должеше во прв ред на тоа што тие беа и се чувствуваа како Македонци. Затоа и ги прифатија овие предмети, како и нашите учители, со голема љубов и воодушевеност“.

….

Општо земено, нашите учители во Пиринска Македонија, иако за кратко, за седум месеци, развија богата и разновидна културно-просветна дејност насочена кон развивањето на македонската национална свест и припадност кај населението од овој крај. Како потврда на нивните постигнати резултати, најдобро можат да послужат резултатите од спроведената анкета кон крајот на учебната година во која својата национална македонска припадност и свест, учениците и населението од Пиринска Македонија децидно ја искажаа со барањето во наредната учебна година целокупната настава на училиштата да се изведува на македонски јазик.

Така беше, така се мислеше, говореше и пишуваше во тој Димитровски период на раководење со БРП(к) и со бугарската држава. Во дејноста на нашите учители, населението од овој крај гледаше реализација на вековните стремежи за слободен живот. Прашањето дали тие се македонци или не, никој во тоа време и не го поставуваше. И кога се веруваше дека нашето заедничко национално живеење во своја единствена македонска држава станува веќе стварност, во 1948 г., се појави Резолуцијата на Информбирото, која на Македонците-пиринци им го попречи сигурниот од …

Истите оние луѓе, кои до вчера се залагаа со сите сили да ја развиваат својата македонска национална култура и јазик, наеднаш почнаа да го користат секој повод за неточно прикажување на ситуацијата во ФНРЈ и НРМ, да шират навредливи невистини, грубо да ја фалсификуваат историјата.

Во годините што следеа, тие почнаа да ја негираат и непобитната стварност со постоењето на македонското население во Пиринска Македонија, иако според нивниот официјален попис од 1956 г., само во Пиринскиот крај имаше 172 862 Македонци. Десет години подоцна, меѓутоа, по третиот попис, истите тие тврдат дека во цела Бугарија има само 8750 Македонци, за на крајот и сосема да ги избришат пиринските Македонци како народ“…

(Ѓорѓи Делчев, „Воспитанието и образованието во Пиринскиот дел на Македонија“, труд презентиран на Симпозиумот одржан во Кичево и Струга од 13-15 октомври 1983 година, на тема „Четириесет години слободен развој на воспитанието и образованието во Македонија (1943-1983)“. Просветно дело, Скопје, 1985). Сојуз на педагошките друштва на Македонија.