„Не можат да се разберат оние кои зборуваат ист јазик. Да се разберат можат оние кои споделуваат исти чувства“ (Руми)
Постојат многу размислувања дека денешниот образовен процес е премногу крут, не флексибилен, бавен на промени, премногу насочен кон наставникот, оценувањето не соодветно, содржините и потребите на детето многу далеку од современиот живот, курикулумот тежок за најголемиот број ученици… учениците на иста возраст и во исто време поаѓаат на училиште, во исто време завршуваат, имаат исти предмети, учат од истите книги, истите прашања и одговори итн.
Тој систем е поставен на парадигмата „оние кои можат (паметни, успешни)“ и „оние кои не можат (не се доволно паметни, губитници)“. Тоа е линеарен модел. Природата не го разбира тоа, не работи по тие принципи.
Дали ваквото образование ги задоволува потребите на луѓето?
Постојат многу граѓани и професионалци кои мислат дека ваквиот концепт на образование е добар, соодветен и дека не треба да се менува, па често поентираат со ставови од типот, „па како ние се школувавме“, „па што ни фалеше на нас“….итн.
Но, постои и друга страна која вели дека се потребни квантни скокови во образованието. Тие поаѓаат од брзите промени на глобално ниво, големата мобилност на луѓето денес, миграцијата на населението, конкурентноста, информациските и високите технологии. Двата клучни предизвика за реформите денес се:
- Културниот идентитет – како да се сочуваат и создаваат културни вредности во овој глобален свет?
- Економијата
Што се менува во светот денес?
Се менува образовната парадигма на линеарниот модел во мрежен модел, на кој функционира природата. Ако светот се менува побрзо од нашето снаоѓање во тие нови простори, ако толку е радикален тој процес, тогаш зошто и образованието не се менува?
Најчестиот одговор на ова прашање е: „образованието е многу важно за општеството и затоа со него не смее да се експериментира“. А зошто одговорот не би бил: „образованието е толку важно и тоа не смее да остане на страна“?
Ајнштајн и сите најнови теории се согласуваат со погледот кон светот дека реалноста е релативна, светот е релативен, природата е релативна, местото, времето – сè се случува во нашите чувства. Дека не постојат растојанија затоа што се релативни, затоа што тие се мерат со нашите чувства, а нашите чувства повеќе не се одбивни едни на други, туку се соединуваат, односно ги надминуваат разликите меѓу себе (Laitmen, 2012).
Се уште не ги познаваме карактеристиките на новиот свет и затоа ни изгледа дека денешните деца се чудни и необични. Тие всушност ни изгледаат чудни затоа што се раѓаат со никулци на идната општествена, светска состојба – глобална и интегрална, соодветна на принципите на кој функционира природата. Таа со својот надворешен и внатрешен притисок нè принудува да прифатиме нова форма на поврзаност помеѓу нас, за кои ние сега и немаме некоја голема желба.
На луѓето денес им е поважно да се разберат, да комуницираат на ист јазик и во областа во која се интересираат отколку да го демонстрираат својот национален или верски идентитет. Овие нови потреби, нови знаења бараат поинаква педагогија, која ќе треба да биде многу поефикасна. Таа потреба предизвикува силна стандардизација на системите за образование на широки географски простори, светски образовни стандарди, универзализација на образовните институции, луѓе кои имаат различни и посебни потреби. Се лажеме самите себе ако тоа не сакаме да го видиме.