„ПЕДАГОГИЈАТА ТРЕБА ДА ГО РАЗНИША ЧАМЕЦОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО“

Во светот во кој живееме се случуваат големи промени, кои имаат големо влијание врз образовниот систем, најмногу врз наставниците и учениците. Кризата во социјалните односи и во културата на комуникација многу силно секојдневно ни кажуваат дека е време за подобра педагогија и комуникациска компетенција. Информираноста која е одвоена од промислената работа е мртвило, тоа е терет кој го руши духот. Бидејќи таквата информираност се претставува како знаење, така се развива отров на вообразеност, тоа е најмоќната препрека за понатамошен развој на дарот на интелигенцијата.

Клучната вредност на педагогијата – зошто таа има толку силна моќ е во нејзиниот стремеж за развивање на навики на умот коишто постојано преиспитуваат и критички размислуваат. Тука лежи моќта на педагогијата да ги трансформира животите и да создава нова култура на училиште втемелено на тековите на современото граѓанско општество кое прифаќа различност, индивудуални ставови, чувство за заедништво, солидарност и други хуманистички вредности во мултикултурните општества.

Но, предизвиците и кризата во образованието која го наметнува динамичниот надворешен свет, нема да може да ги одговори педагогија која е бавна, закочена, инфериорна, и која нема храброст ниту да се обиде да создаде атмосфера за нова визија на образовен систем. Таа визија за нова педагогија е потреба заради одржување на општеството, тоа се одржува со пренесување на искуствата и комуникацијата меѓу луѓето. Училиштето е еден важен пат во пренесувањето на тие искуства кои ги формираат младите луѓе. Основната грижа на образованието кон младите луѓе е да ги оспособи и подготви да учествуваат во општествениот живот. Ние конечно мораме да размислиме дали ги формираме или не оние сили кои ќе им ја обезбедат таа способност!?

Додека ние се уште се мачиме со секундарни прашања и проблеми, од типот за бројот на часови и бројот на предмети, за условите за работа, за автономијата на училиштето и наставникот, за тоа како со еден потег се менуваат сите директори на училиште кога се менува власта, за маргинализација на образованието во овие 30 години самостојна држава, за тоа дали ќе има топла вода, спортска сала, принтер, колку време ќе биде наставникот и ученикот во училиштето, не забележуваме дека светот е во целосна мулти и транс дисциплинарност во начинот на учење и поучување и во интеркултурна научна соработка.

За промените

Кога се има нова идеја, визија која оди спротивно, или, на некој начин, е критичка за состојбата на статус кво, тогаш таа често може да се гледа како ризична или заканувачка. Образовните промени никогаш не се реализираат лесно, ниту лично ниту институционално. Тука треба да бидеме отворени за потенцијалот на педагогијата да го разниша чамецот на образованието. Ако ние како наставници, професори, навистина сакаме да направиме промена, мораме да очекуваме дека ќе бидеме изложени на предизивици. Тоа значи да бидеме сигурни и експлицитни за основите и на новата и на постојната практика.

Брунер (Џером Брунер, 1915-2016) ова уверливо го образложува: при теоретизирање на образовната практика во училницата или во која било друга средина, би требало да се земе предвид „теоријата на народот“ која тие што се занимаваат со учење и со поучување веќе ја знаат. Секоја иновација што вие, како „вистински теоретичар“ на педагогијата, би сакале да ја воведите, ќе треба да се натпреварува, да ја замени или, на друг начин, да ја модификува народната теорија од која веќе се раководат и наставниците и учениците.

Советот на Брунер, дека воведувањето педагошка иновација секогаш повлекува натпревар со постојната, цврсто вкоренета, „теорија на народот“ е лекцијата што тој самиот ја научил низ лично искуство.

Жестоките јавни контроверзии и медиумското внимание во повеќето земји во светот често се свртуваат кон образовните реформи кога педагогијата е ставена на тапет. Брунер добро ја сумира оспоруваната природа на педагогијата: Изборот што го правиме за тоа како ја развиваме и одржуваме педагошката средина неминовно се однесува на концепцијата на процесот на учење и на ученикот. (Неговиот заклучок за курикулумот е дека знаењето не е во содржината, туку во активноста на личноста со содржината на областа, конкретно, тоа значи активна борба на ученикот со прашањата што ги учи).

Педагогијата и политиката

Педагогијата никогаш не е невина, таа е медиум, кој си ја носи својата порака. Затоа што образованието, сеедно во која култура, секогаш има последици во животот на тие што се подложни на него. Оттука, во оваа подлабока замисла, педагогијата никогаш не е неутрална, никогаш не е без општествени и економски последици. Целата атмосфера во училиштето и во училницата е отсликување на не-артикулацијата на културните вредности, кои никогаш не одат подалеку од темите за еднаквоста на можностите, класата, родот и власта. Па, оттука, дури и да се тврди поинаку, вистинската педагогија во својата поширока смисла е политичка (Брунер).

Тим Бригаус, лидер на педагогијата за возобновување на ранливите урбани училишни заедници, заедно со неговите колеги ја развивал визијата за трансформација во рамките на образованието, која треба да доведе до исполнет и креативен живот на сите млади луѓе. Сепак, поради неговиот инспиративен педагошки процес, спроведен особено во центарот на Бирмингем и центарот на Лондон, тој морал да се бори против јавните, а понекогаш и лични, напади. Никогаш не плашејќи се да ја изрази својата визија, тој, исто така, јасно укажува и на заплетената врска меѓу образованието, општественото и политичкото, и јасно е дека педагогијата, колку што е во нејзина моќ, никогаш не стои настрана од другите, еднакво големи прашања.

Ова нè води кон артикулирање на две важни карактеристики на автентичната педагогија. Прво, педагогијата без исклучок е политичка. Тоа не значи дека целта на педагогијата е да го „политизира“ образованието, туку да прифати дека тоа веќе е политизирано и дека треба да ја земе предвид поексплицитно неговата политичка страна. И, второ, автентичната педагогија секогаш е експлицитна за својата визија, за вредностите и за образовните цели и ги разработува големите идеи.

Литература:

Моќта на педагогијата (2016). Џени Лич. Боб Мун; (превод од англиски јазик Анета Пауновска). Скопје: Арс Ламина. The Power of Pedagogy/ Jenny Leach & Bob Moon.

Democracy and Education. An Introduction to the Philosophy of Education. New York, 1966. John Dewey

Kuhlthau, Carol C., Leslie. K. Maniotes, Ann K. Caspari. Guided Inquiry: Learning in the 21st Century. Westport, Connecticut; London: Libraries Unlimited, 2007. XVII; 170. str.

Vlatko Previšić. Razmeđa hrvatske pedagogije 2012. Retro(per)spektive. PEDAGOGIJA I KULTURA Drugi kongres pedagoga Hrvatske. Izdavač Hrvatsko pedagogijsko društvo, Zagreb, 2012.