„Во светот на утилитаризам, колку е чудно нашето општество, во кое приборот со алатки е поважен од симфонијата, кога ножот е поважен од поезијата, клучот повеќе од сликата. Во кое повеќе значење се дава на она што го произведуваме отколку на она што сме, затоа што е лесно да се преземе одговорноста за ефикасноста на приборот, додека е сè потешко да се разбере за што може да се користи музиката, литературата или уметноста“.
Корисноста на бескорисното е книга на италијанскиот професор Нучио Ордине (Nuccio Ordine), кој го спротивставува корисното и бескорисното, материјалното и духовното, надворешното и внатрешното, додека се залага за опстанок на хуманистичките дисциплини, уметноста и критичкото размислување, накратко, сè друго што, со помал или поголем успех, успева да се спротивстави на вилиците на пазарот. Ордине покажува со прст кон продорната логика на профитот, која се манифестира во речиси секоја пора од секојдневниот живот, на штета на културниот и духовниот развој на поединецот. Иако навидум – бескорисно – сè што не генерира профит е класифицирано во истата корпа на бескорисност – токму човечкото знаење и сознание, нагласува Ордине, се најскапоцени и ги надминуваат воспоставените стандарди на утилитарниот пазар.

Според Ордине, „во следните неколку години ќе треба да се бориме за да ги спасиме не само науката, училиштето и универзитетот од овој утилитарен налет, туку и сето она што го нарекуваме култура“, бидејќи овој вака концепиран свет продолжува „да ја саботира културата и образованието саботирајќи ја иднината на човештвото“.
„Загрижува фактот што државата иницираше постепено економско повлекување од светот на образованието и научното истражување, процес кој доведе до гимназијализација на универзитетите. Тоа е коперниканска револуција која суштински ќе ја промени улогата на професорите и квалитетот на образованието во наредните години“.
Ордине удира во срж: со прст покажува кон бирократизацијата на универзитетските катедри, како и кон производството на студенти кои долгорочно претставуваат само финансиски проблем. Добро го забележува денешниот исцрпен професор кој се повеќе не може да предава („често се заборава дека добар професор е пред се неуморен студент.“).
„Парадоксалната корисност на која се осврнувам не е иста во чие име се смета за бескорисно хуманистичкото знаење и, поопшто, целото знаење што не е профитабилно. Во многу поинакво и многу пошироко значење, сакав да ја ставам во центарот на моите мисли идејата за корисноста на тоа знаење чија суштинска вредност е целосно неповрзана со некоја утилитарна цел. Ако оставиме да умре сè што е бесплатно, ако се откажеме од движечката сила на бескорисното, ако ја слушнеме само смртоносната песна на сирената што нè поттикнува да се стремиме кон профит, ќе можеме да создадеме само болна заедница без меморија , што на крајот ќе го изгуби чувството за себе и живот. И тогаш, со нашиот дух стерилен како пустина, навистина ќе биде тешко да се замисли дека неукиот хомо сапиенс сè уште може да игра улога во задачата да го направи човештвото почовечко“.