…„ Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не на пропаст, затоа што пропаста е дефинитивна состојба и не на благосостојба, од која сте далеку, туку на пропаѓање. Постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки. На ист начин. Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Па мечка во циркус научува да вози велосипед…После две ракии ви светнуваат очите и почнувате да се прегарнувате, бакнувате и да му се заканувате на цел свет. Или не пијте или научете подобро да поднесувате алкохол…“
Ова е дел од драмата „Диво Месо“ на Горан Стефановски напишана пред повеќе од триесет години. Вистинска слика на нашето општество претставена преку неколку ликови кои многу јасно и прецизно ја отсликуваат нашата вечна реалност. Драма која ја дијагностицира и објаснува состојбата на нашиот човек, нашето семејство, нашата средина, нашата татковина.
Тројцата браќа во драмата имаат различни погледи на светот. Едниот обземен од идеалот и надежта дека системот може да се сруши и промени на подобро, вториот обземен од страста за успех и по секоја цена подготвен на сè па дури и да го понижи своето семејство и третиот кој ја загубил надежта и разочаран бара утеха во алкохолот. Родителите немоќни сведоци на губењето на куќата и пропаѓањето на семејството.
Менталитетот на ова семејство е сликата на македонскиот менталитет денес. А, што е всушност менталитетот (лат: mens – „ум“, „нешто поврзано со духот“) – тоа се доминантните размислувања, душевните особини, склоности, судови и концепти на однесување на еден човек или на еден цел народ.
Кои се доминантните наши особини, она по што ние сме тоа што сме?
Најпрвин треба да си кажеме дека сме мрзеливи и разгалени; дека немаме работни навики; завидни сме, себични и љубоморни; го мразиме секој што постигнал успех или се обидуваме да докажеме дека тоа не е негов вистински успех; нашето колективно несвесно има омраза кон богатите луѓе; ние не го почитуваме подобриот од нас и се обидуваме по секоја цена да не успее; успехот на секој човек е сомнителен; за секој имаме муабет со дисквалификација; ја уништивме надежта на секој чесен и добронамерен човек; немаме чувство за припадност и заедништво, затоа што ја губиме енергијата во докажување кој треба да биде шеф; не можеме да се договориме за ништо; не сакаме да видиме дека младите видоа два излеза едниот во странство а другиот во хедонизам; велиме дека сме библиска земја а децата ги воспитуваме да бидат како Каин.
Генерации со вакви особини се доминантниот дел кои го обликувале и создавале нашиот менталитет. Вакви вредности и идеи, чувства и модели на однесување се пренесувани на потомствата. Нашето општество е градено преку вакви воспитни вредносни концепти во политиката, науката, културата, религијата, економијата.
Колку побрзо сфатиме дека ваквите особини нас не кочат толку побрзо ќе почнеме да го менуваме и градиме нашиот вистински менталитет.
И за крај да завршиме со ликот на таткото: „…Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака, со првиот ветар, како муви без глава. Мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! И се прди на Европа за Вас“!