ЕУРИТМИЈА - уметност на хармонично движење во образованието

Движи се со ритамот на срцето, учи со светлината на умот

Мојата приказна

Верувам во образование како процес на станување човек.

Мојот пат започна со спортот, театарот и педагогијата, но никогаш не останав само таму. Студиите, магистратурата и докторатот на Филозофскиот факултет во Скопје ми дадоа јазик да размислувам за образованието и животот, но вистинските прашања ги научив подоцна – во училниците, предавалните, на спортскиот терен, во театарот, во разговорите, во тишините меѓу зборовите. Денес сум професор на Факултетот за образовни науки во Штип, но повеќе од тоа – сум трагач по смислата на учењето, таму каде што науката допира до уметноста и смислата.

Работев со системи, институции, политики. Бев дел од управување, од координации, од реформи. Видов како образованието се мери, се планира и понекогаш – се губи во сопствените форми. Но научив и нешто поважно: дека вистинската промена не доаѓа од документите, туку од луѓето. Од наставникот што верува. Од студентот што прашува. Од моментот кога знаењето станува лично искуство.

Пишувам, предавам, истражувам, патувам. Понекогаш создавам и театар со студентите, затоа што верувам дека учењето не е само разбирање, туку и доживување. Моите книги се обид да ја спојат методиката со уметноста – затоа што образованието, ако не допре, не останува.

Верувам во знаење како движење. Верувам во луѓето.
Не верувам во знаење како форма. 

И затоа, образованието за мене не е професија.
Тоа е начин на постоење.