Зошто сѐ ова ни се случува?
Дали навистина живееме во општество што ја препознава и почитува слободата на поединецот да создава, да мисли, да вреднува?
Општеството не се создава преку ноќ. Тоа е тивок, долг континуитет на генерации што граделе, а не рушеле; што создавале, а не грабале; што мислеле за утрешниот ден, а не само за сопствениот интерес денес. Таквите општества – по кои денес копнеат нашите млади – не се случајност. Тие се резултат на ред, дисциплина и длабока почит кон реално сработеното. Тоа е копнеж по смисла, а не само по подобар живот.
Системот што го напуштивме имаше многу недостатоци, но знаеше една суштинска вистина: дека образованието е темел. Дека човекот мора да се гради. Денес, наместо тоа, живееме во време во кое незнаењето не само што се толерира – туку се произведува. Транзицијата не донесе нови вредности, туку создаде култура на некомпетентност, каде што формата ја замени суштината, а страста за знаење – страст за позиција.
Во ваков систем, знаењето не е вредност. Образованието не е приоритет. Тоа е маргинализирано, потценето, девалвирано – јавно и тивко, системски и секојдневно. И кога образованието е понижено, понижен е и секој млад човек што се обидува да најде смисла и перспектива овде.

Во кого да верува еден млад човек?
Во систем што му кажува дека лојалноста вреди повеќе од знаењето?
Дека „добро трчање“ во партија носи повеќе од посветено учење?
Зошто да учи?
Зошто да остане?
Зошто да верува дека трудот ќе биде препознаен?
Замислете тим што не ги избира најдобрите играчи. Замислете тренер што победата ја жртвува заради лични симпатии. Замислете автомобил што блеска однадвор, но одвнатре е расипан. Колку долго ќе се движи? Колку долго ќе се преправаме дека функционира?
Младите го разбираат тоа. Знаат дека вредноста овде не се наградува. Дека постои тивок, но упорен систем што го оттурнува знаењето и ги оттурнува способните. Дека индивидуалноста не се охрабрува – се казнува. Во семејството, во училиштето, на работното место, во општеството.
„Не оди многу напред, не заостанувај последен, не прави гужва во средината…“ – но тоа не е живот. Тоа е преживување без достоинство.
А последиците? Тие веќе ги живееме.
Се создаваат поданици наместо граѓани.
Се создаваат генерации без работни навики, без верба и страст во знаењето, без чувство за припадност.
Се создаваат лажни елити и вистинска празнина.
Се создаваат млади луѓе што не сонуваат за промена – туку за заминување.
Ова не е случајност. Ова е систем.
Систем што не бара мислечки луѓе, туку послушни.
Не бара критика, туку тишина.
Не бара знаење, туку лојалност.
И затоа, одговорноста не е само „таму некаде“. Таа е тука кај сите нас. Во нашиот однос кон знаењето. Во тоа дали ќе молчиме или ќе прашаме. Дали ќе се прилагодуваме и преживуваме.
Поддржете ги оние што знаат. Пронајдете ги оние што мислат. Градете со оние што имаат визија. Бидејќи вистинската промена не започнува со политика – туку со свест.
Без сомнеж нема мислење.
Без мислење нема слобода.
Без слобода – нема иднина.
Реалноста ни кажува дека никој нема да го изради општеството со вредности наместо нас, самите ќе мораме тоа да го направиме.
Оние што заминуваат, не бегаат без причина.
Тие само препознаваат нешто што ние сѐ уште се плашиме да го признаеме – дека во ова лудило, има систем.