ДАЛИ САМОКОНТРОЛАТА МОЖЕ ДА СЕ НАУЧИ?

Во едно истражување во Русија од педесетите години на минатиот век, на децата им било кажано колку ќе можат да останат мирни – тоа траело едвај 2 минути. На друга група деца им било кажано да ја играат улогата на војници на стража во која ќе мораат да останат мирни во својата положба – оваа група деца останала мирна 11 минути.

Човекот е силно отпорен за промена на своето однесување. Тешко се одлучува и решава да ги менува своите навики и склоности. Иако е можно помал број луѓе да се поттикнат на промени, скоро и да е невозможно да се промени мнозинството во која било насока. Интервенциите кои се однесуваат на децата претставуваат уште поголем предизвик за научниците, бидејќи, ако се има в предвид развојот, децата по дефиниција се движечка мета.

Во науката се смета дека се успешни оние интервенции кои имаат ефект на околу 15%, што значи дека само 15% од децата го променило своето однесување, но 85% не го промениле. Дури и оние интервенции кои имале ефект од само 4% во статистички контекст се сметале за сосема добри – иако немале ефект на дури 96% од децата и учениците.

Но, во САД е развиена една програма т.н. „Алати на умот“, (д-р Елена Бодрова, д-р Дебора Леонг, Универзитет Денвер) тоа е програма за децата во предучилишните установи. Успехот на оваа програма самиот по себе е чудо. Основната идеја на оваа програма е задржување на вниманието, и тоа е камен темелникот на „Алати на умот“. Родителите често размислуваат како да го натераат детето да го задржи своето внимание и како да го слуша учителот. Тие сфаќаат дека детето не може да учи ако нема способност да го задржи вниманието.

Оваа програма е силно втемелена во неврологијата. Предниот дел на мозокот (префронталниот кортекс) управува со извршните функции – планирање, предвидување, контрола на импулсот, трпение, издржливост во непријатна ситуација, средување на мислите. Во предучилишниот период, брзината на создавање врски (синапси) помеѓу нервните ќелии е неспоредливо поголема отколку после седмата година. Докажано е дека интелектуалните способности зависат од бројот на синапси, кои интензивно се формираат до петата година (50%), до седмата година (75%) и до дванаесеттата година (90%). Според најновите истражувања, дури 50% од синапсите се формирани до четвртата година. Оттука, се повеќе земји раното детство го сметат за најважниот период од развојот.

„Предноста на малите деца“ е во тоа „што тие се уште не знаат дека во некои нешта не се добри“ (Бодрова). Кога од детето ќе побарате да препише нешто што учителот го напишал на таблата, тоа може да си помисли: „Не можам да пишувам толку добро како учителот“, и така ја губи желбата тоа да го прави. Но, ако му дадете тефтер и му речете ти сега си келнер во пицерија. Џон нарачал пица со сирење, а ти пица со кашкавал. Децата не знаат дали можат или не можат да напишат – тие само знаат дека мора да направат нешто за да запомнат кои пици се нарачани. На крај, децата пишуваат многу повеќе од она што вие сте го побарале од нив.“

reading-ability-tools-of-the-mind

Пример:Играта пожарникар

Поголем дел од елементите на традиционалните активности и настава се различни. Типичната просторија е различна: Постои линија на денот; наместо традиционално поставена азбука, се користи звучна мапа…дури и тригодишни деца пишуваат секој ден…

Со помош на учителот се уредува просторијата за играње пожарна станица. Децата бираат која улога ќе ја играат во замисленото сценарио – возач на пожарната кола, пожарникар или член на семејството кој треба да биде спасен.

Со помош на учителот, децата прават индивидуални планови на играта. Се цртаат себе во избраната улога, потоа се обидуваат тоа и да го напишат во форма на реченица на голем бел лист.

Потоа играта започнува и трае 45 минути, децата се држат до улогата која ја избрале, и се мотивирани да останат во своите ликови. Учителот им помага но ништо директно. Во различни денови децата имаат различни улоги и сценарија.

Истражувањата покажале дека децата кои ја посетувале оваа програма во 86% се разликувале од децата кои посетувале традиционална програма.

Зошто оваа програма добро функционира? Играта станува комплицирана и интерактивна. Децата кои се во улога да бидат спасени го повикуваат бројот 193; операторот активира аларм; пожарникарите скокаат од своите кревети; пожарната кола брза да го спаси семејството. Ова се смета за зрела, повеќедимензионална и одржлива игра.

„На редовните активности или часови децата како да лудуваа. На часовите на „Алати на умот“ е како да си на друга планета.“