Зборот курикулум (curriculum) се пајавува во времето на барокот. Во книгата „Polyhistor“ (Georg Daniel Morhof, 1968.) се наоѓа едно поглавје под името: De curriculo scholostico ( (според: Kaiser, A., Kaiser, R., 1994.). Поимот курикулум се појавува во Европа, но како научен и стручно-педагошки термин и поим, тој се создава во Америка. Така во 1902 година J. Dewey во студијата под наслов „The Child and the Curriculum“ ги поставува темелите на теоријата на курикулумот во САД.
Терминот курикулум доаѓа од латинскиот јазик и изворно значи редослед на учењето според прецизно утрврдени содржини. Со реформите во училиштето кон крајот на 16 век и почетокот на 17 век во Европа е напуштен латинскиот израз курикулум и воведен е грчкиот израз-didaskien што значи поучување. Со ваквата промена, постепено во Европа се одамаќинува изразот didaskien, но не и во Америка каде што меѓу доселениците постоело многу силно влијание на Католичката црква, а преку неа и на латинската терминологија. Така во Америка е задржан латинскиот израз курикулум кој подоцна бил „извезен“ во Европа каде што првобитно настанал[1].
Зборот курикулум (lat. Curriculum) во превод означува : обука, тек, движење (но не движење низ животот – curriculum vitae).
Во Педагошкиот речник[2] се објаснува дека поимот курикулум (lat. Curriculum-курс) во поширока смисла опфаќа „општ план за материјалот, односно наставните содржини и предмети, кои училиштето му ги овозможува на детето, подготвувајќи го за стекнување на соодветна диплома или свидетелство“.
Курикулумот е дидактички документ врз основа на кој се организира воспитно-образовниот процес за стекнување на знаења од определен предмет. Тој е конкретен училишен, работен документ со кој се планираат активностите во образованието, односно тој претставува конкретизација на наставниот план.
Курикулумот е развоен и рамковен документ и е обликуван отворено така што дозволува поголема слобода на училиштата и детските градинки, односно на воспитувачите и наставниците во неговата конкретизација.
Со овој документ се идентификува предметот и се утврдува неговиот статус, се структурираат содржините за учење преку целите на предметот и активностите на наставата, се прошируваат наставните методи, средства и помагала, оценувањето на учениците и организацијата и реализацијата на наставата.
Претставниците на различните дидактички и теоретски правци имаат потесно и пошироко толкување за курикулумот зависно од приоритетите кои се поставени и постапките кои со курикулумот се сметаат за правилни и корисни (Бланкерц 1969, Робинсон 1970, Мулер 1971 и др).
Дорис Кнаб, ученичка на Робинсон смета дека курикулумот е опис на задачите на училиштето, дадено во рамките на организираниот тек и искуствата во учењето и е насочено во саканиот правец. За еден таков опис неопходни се предпоставки за да се развие и провери меѓусебната поврзаност помеѓу одлучувањето за тоа што учениците треба да учат, од една страна, и каде и како најдобро ќе учат од друга страна.
Ралф Тилер, нагласува дека курикулумот е еден вид училишна педагогија. Затоа што ги опфаќа наставните цели, содржините врз основа на кои се остваруваат целите, организацијата на наставата поради остварување на поставените цели, изработка на курикулумот во самото училиште.
Флехзинг и Халер под курикулум подразбираат конзистентен систем на оптималното подготвување, остварување и евалуација на наставата.
Облингер, како компоненти на курикулумот ги наведува: целите, содржините, методите, средствата, организацијата и контролата.
Некои дидактичари нагласуваат дека во англосаксонските земји под поимот курикулум се подразбира наставен план и наставна програма.
[1] Вилотијевич, Младен, (1999) Дидактика I, Научна књига, Учитељски факултет, Београд,
[2] Педагошки Речник, Институт за Падагошка Истраживања у Београду, Београд, 1967