Јужна Кореја е интересен пример. Колку и да изгледа некарактеристичен или непарадигматичен за Македонија, сепак тој во себе има елементи од кои ние би требало да научиме многу.
Земјите кои имаат силно конфучијанско влијание, имаат изградено култ кон образованието, култ кон семејството и култ кон работата. Вредноста е во личното усовршување кое се смета за карактерна вредност и на поединецот и на неговото семејство. Тоа се култури кои ги воздигнуваат наставниците и сите просветни работници, и тоа е професија со силен општествен статус. Квалитетното образование е апсолутен предуслов за успех и општествен статус. Оттука, започнува системот на вредности и општествено-економското уредување.
Во Јужна Кореја постои ТВ канал ЕБС, кој целосно е посветен на образованието и емитува содржини како дополнителна настава. Тој ТВ канал е основан во 1980 г., од страна на државната ТВ КБС со цел да воспитува и образува, но и со уште една голема мисија – да им се овозможи на семејствата да заштедат средства за образованието на своите млади. Станува збор за т.н. дополнителна настава, која е организирана од наставници и кои на интересен начин држат предавања. Тоа се интересни, популарни ликови, кои децата од Јужна Кореја сакаат да ги следат. Популарноста на овие наставници оди до таму како што ја имаат пејачите, глумците, спортистите.
Феноменот е интересен и од една друга страна. Ова мотивирало многу наставници да основаат свои образовни веб-сајтови на кои ги организираат своите видео-предавања од предмети како што се корејски јазик, книжевност, математика, англиски јазик, но и стручни предмети од областа на природните и техничките науки и медицината. Денес некои наставници создале компании кои имаат годишен приход од 240 милиони долари.