Првото и основно прашање на образованието е ШТО, односно што треба да се учи, што да учи младата генерација. Прашањето за ефикасноста (КАКО) се поставува многу подоцна.
Анализата на наставните содржини може директно да покаже и утврди што општеството мисли за себе, за целите на образованието, односно за поединецот и заедницата.
Основното прашање на кое мора да се одговори во програмата на училиштето е: кои содржини од целокупното човеково искуство заслужуваат да бидат предмет на наставата и учењето? Односно со кои знаења и способности, ученикот кога ќе заврши со своето образование ќе може да располага. Всушност, младата генерација и го започнува својот живот со тоа што партиципира во постојните вредности кои ги усвојува и понатаму ги развива.
Содржини кои зборуваат за тоа што е човекот и кон што тежнее, за идентитетот на поединецот и заедницата. Тоа се подрачја на духовната сфера кои ги познаваме како наука, уметност, филозофија, јазик, морал, обичаи, историја, традиција. Тоа се знаења за развојот на човекот и разбирањето на природата и себе, за неговите откритија и изуми, за борбата за личен опстанок. Содржини за актуелниот социјален живот (општествено-економски односи) и за материјалното производство.
Сите овие содржини се израз на своето време, научниот, културниот и техничко технолошкиот развој.
Иновациите во содржините и поттикнувањето на иновативното учење во пристапот на наставните планови и програми, придонесува за создавање иновативно општество, на индустриска и информатичка цивилизација. Тоа значи дека во интерпретација на содржините повеќе простор треба да се даде на културата на мислење, отколку на културата на „складирање“ информации и податоци.
Според тоа, наставата со своите содржини мора да реагира на предизвиците кои ги наметнува развојот. Затоа голем е предизвикот како училиштето тоа може да го направи („Училишта без ѕидови“, „Училишта без катедри“…).
Комуникацијата со светот е темелна претпоставка за сите можни иновации. Другата значајна карактеристика е целосна фокусираност на ученикот. Тоа произлегува од зголемената свест дека секој поединец е различен од сите други, и токму поради тоа има „природно“ право на личен избор. Оттука, многу е поучен еден пример од Франција. Имено, францускиот министер Joseph Fontanet во 1973 г., ја издал следната наредба: „Одлучив во средното образование 10% од времето во целата учебна година да се искористи за иновациска дејност во образованието“.
Училиштата биле целосно изненадени и неподготвени за тоа. Како да се искористи тоа време? Па, започнале да работат на програми во кои можеле да се пронајдат и учениците и наставниците и многу институции и луѓе од општеството….На почетокот имало од сè по нешто, многу импровизации и „сваштарија“. Но, на видело се појавиле и многу вредни иницијативи од областа на културата, уметноста, социјалната работа, науката, техниката, екологијата, спортот…и во целото тоа се пронашле и мотивирале многу ученици и наставници.